Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

Интерактивна работилница за финансиска писменост – „Future Millionaire Challenge “

МАПАС, заедно со пензиските друштва, КБ Прво пензиско друштво,, САВА пензиско друштво и ТРИГЛАВ пензиско друштво, ја одржаа работилницата „Future Millionaire Challenge“, во организација на Универзитетското студентско собрание, наменета за студентите, со цел унапредување на финансиската писменост и поттикнување на свесноста за важноста на долгорочното планирање и разбирањето на пензискиот систем како дел од нивната иднина.

Во своето воведно обраќање, Марија Поповска – Советник на Претседателот на Советот на МАПАС, истакна дека финансиската сигурност не е резултат на случајност, туку на време, дисциплина и информирани одлуки.  „Кога ќе кажеме ‘милионер’, најчесто помислуваме на среќа или голема бизнис идеја. Но финансиската стабилност најчесто се гради постепено – преку паметно управување со средствата и јасна долгорочна стратегија“, беше нагласено на настанот.

 

Работилницата беше конципирана како интерактивен предизвик во кој студентите, поделени во групи, добија конкретно сценарио со месечен буџет и дефиниран временски хоризонт. Нивната задача беше да донесат одлуки за трошење, штедење и инвестирање, со цел да согледаат како различните финансиски избори влијаат врз акумулацијата на средства во текот на работниот век. Преку практична симулација, учесниците имаа можност да ја разберат моќта на долгорочното инвестирање, влијанието на приносот врз вкупната акумулација и значењето на раното започнување со пензиско штедење.

Клучната порака на работилницата беше јасна: „Најголемата предност што ја имаат младите не се парите – туку времето“

МАПАС заедно со пензиските друштва остануваат посветени на градење финансиски одговорна и информирана генерација, која разбира дека денешните одлуки ја креираат утрешната финансиска стабилност и личната пензиска сигурност.

 

Skip to content