Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

Координативен состанок за интегрирање на финасиската едукација во основното и средното образование во РСМ

Во организација на Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување – МАПАС, како член на Координациското тело за финансиска едукација и финансиска инклузија, се одржа координативен состанок посветен на можностите за посистемско и поодржливо интегрирање на финансиската едукација во основното и средното образование во Република Северна Македонија.

На состанокот учествуваа претставници од релевантни институции, образовниот сектор, меѓународни организации и партнери, меѓу кои Бирото за развој на образованието, UNICEF, Aflatoun International, како и претставници на институциите членки на Координациското тело.

Во дискусијата активно учество земаа Ајше Ајрулаи и Валентина Гоцевска од Бирото за развој на образованието, Виолета Петроска-Бешка од Центарот за човекови права и разрешување конфликти, проф. д-р Сафет Балажи од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ, Вера Митковска од UNICEF, Љуан Имери од Центарот за човекови права и разрешување конфликти и Aflatoun, како и претставници од Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на осигурување и МАПАС.

Во рамки на состанокот беа разгледани постојните активности и материјали во областа на финансиската едукација, како и можностите за развој на практични наставни содржини и алатки за наставници преку координиран и долгорочен пристап.

Посебен акцент беше ставен на европските искуства и добри практики, особено моделите на Австрија и Холандија, како и на можностите за пилот-пристап кој би опфатил подготовка на прирачник за наставници, обуки и тестирање на практични содржини во училишта.

Во дискусијата беа споделени и искуства од постојните иницијативи и активности на Координациското тело, како и партнерства со приватниот и невладиниот сектор, вклучително и активности поврзани со Глобалната недела на парите, Европскиот квиз на парите, Економската олимпијада, како и постојните едукативни материјали за наставници и ученици, кои претставуваат добра основа за нивно понатамошно унапредување и интегрирање во редовното образование како координиран и долгорочен процес.

Состанокот претставуваше почеток на поширока стручна дискусија и понатамошна соработка помеѓу институциите и партнерите во насока на јакнење на финансиската писменост кај младите.

МАПАС, како член на Координациското тело за финансиска едукација и финансиска инклузија, останува посветен на поддршка и развој на иницијативи кои придонесуваат кон јакнење на финансиската писменост, финансиската инклузија и долгорочната финансиска стабилност на граѓаните.

Skip to content