Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

МАПАС спроведе истражување за информираноста на членовите во задолжителните пензиски фондови во мај 2021 година

Во рамките на предвидените активности кон стратегиската цел – Унапредување и одржување на стабилно и транспарентно капитално финансирано пензиско осигурување што ја има поддршката на членството и јавноста, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС, во текот на месец мај 2021 година, спроведе истражување за информираноста на членовите во задолжителните пензиски фондови преку телефонска анкета. Истражувањето за потребите на МАПАС го изврши Друштвото за маркетинг и консалтинг МАРКЕТ ВИСИОН ДООЕЛ Скопје.

Вкупната оцена на информираноста и познавањето членовите на задолжителните пензиски фондови изнесува 3,59 (на скала од 1 до 5) што значи позитивно придвижување на нивото на генерално познавање на членовите на задолжителните пензиски фондови во однос на нивото од спроведеното истражување во 2018 година. Генералното познавањето на членовите на задолжителните пензиски фондови беше оценето преку оцена на нивната лична информираност и запознаеноста со вториот столб, оцена на нивната лична информираност и запознаеноста со улогата на пензиските друштва и пензиските фондови и на задоволството од работата/услугите на пензиските друштва, оцена на познавањето на правата и обврските од членувањето во задолжителните пензиски фондови и оцена на разбирањето на податоците од извештаите за пензиска заштеда.

Осигурениците кои се членови на задолжителните пензиски фондови имаат лична улога преку носење на одлуки односно имаат право и слобода на избор, во сите фази на пензиското штедење – зачленување, акумулирање и исплата, што особено ја потенцира важноста лицата да носат едуцирани одлуки. Потоа, новото окружување диктира и забрзан развој на технологијата која брзо го трансформира начинот на којшто функционира финансискиот сектор, вклучувајќи го и пензискиот сектор што ќе овозможи поедноставен пристап до капитално финасираното пензиско осигурување од една страна но и зголемена потреба за едукација од друга страна.

Затоа, МАПАС, во рамките на своите надлежности за развивање на свеста на јавноста за целите и принципите на капитално финансираното пензиско осигурување и правата на членовите на пензиските фондови, ќе продолжи да спроведува активности за информирање и едукација на членовите и јавноста.

Извештајот од спроведено истражување за информираноста на членовите во задолжителните пензиски фондови е на следниот линк:
https://mapas.mk/wp-content/uploads/2021/10/istrazuvanje-na-javno-mislenje_2021_web.pdf

Skip to content