Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување оствари работна средба со претставници од Народна банка на Словачка и потпиша Меморандум за соработка

Во рамките на предвидените активности кон стратегиската цел за подобрување на капацитетот во насока на зајакнување на својата супервизорска и регулаторна улога во капитално финансираното пензиско осигурување, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС, на 11 и 12 септември 2024 година беше домаќин на претставници од Народната банка на Словачка.

Целта на посетата беше размена на искуства во пензискиот сектор помеѓу Република Словачка и Република Северна Македонија, како и отпочнување на соработката со потпишување на Меморандум за соработка. Меморандумот за соработка беше потпишан од страна на претседателот на Советот на Експерти на МАПАС, Максуд Али и од извршениот директор на Одделот за супервизија и заштита на потрошувачите на финансиски услуги во Народната Банка на Словачка, Јулија Чиликова. Согласно Меморандумот за соработка, договорните страни ќе разменуваат искуства стекнати во полето на капитално финансираното пензиско осигурување, работењето на пензиските фондови, механизмите на супервизија на пензиските фондови и усвоената регулатива, како и финансиската стабилност и технолошките иновации во финансискиот сектор. Техничката соработка ќе се состои од размена на документи, билатерална помош со цел размена на искуства од заеднички интерес, како и соработка во полето на едукација, истражување, обуки и развој од заеднички интерес.

На потпишувањето на меморандумот претходеше дводневна работна средба на којашто беа претставени надлежностите и одговорностите на двете институции и се дискутираше за сајбер безбедноста и дигитализацијата во финансискиот и пензискиот сектор, финансиската едукација, потоа за стимулациите на земјата за зголемување на  учеството на членовите во доброволниот пензиски систем, системските ризици и макропрудентната политика, како и за искуствата поврзани со процесот на усогласување на регулаторната рамка со ЕУ директивите. 

МАПАС понатаму ќе продолжи да ја унапредува воспоставената пракса на соработка заради одржување на успешна комуникација со другите супервизорски тела и релевантни органи и институции со цел тоа да придонесе кон одржување на стабилно и транспарентно капитално финансирано пензиско осигурување и унапредување на супервизијата на капитално финансираното пензиско осигурување.

Skip to content