Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и Агенцијата за супервизија на осигурувањето (МАПАС), во соработка со асоцијациите и институциите од приватниот и граѓанскиот сектор коишто се активни во доменот на финансиската едукација, во периодот од 16 до 22 март 2026 година, четиринаесетта година по ред ќе ја одбележат Глобалната недела на парите.
Глобалната недела на парите традиционално се одбележува преку предавања за различни возрасни групи, објавување едукативни материјали од областа на финансиите на интернет-страниците, одржување работилници со физичко присуство или онлајн, како и објавување едукативни содржини на социјалните мрежи.
Темата на која е посветена годинешната Глобална недела на парите е: „Разговори за паметно управување со парите“ (Smart money talks).
Во рамките на одбележувањето на Глобалната недела на парите, активности ќе реализира и Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), насочени кон подигнување на свеста за значењето на долгорочното штедење и инвестирање како основа за финансиска сигурност.
Во текот на неделата, МАПАС ќе оствари средба со претставници од Центарот за истражување и креирање политики (ЦРПМ), на која ќе се разговара за заедничката поддршка на акредитираната програма „Финансиска академија – Финансиски и административни менаџерски вештини за граѓански организации“. Во рамките на оваа иницијатива, МАПАС ќе се приклучи на Академијата со експерт-предавач во еден од модулите, на тема „Долгорочно штедење и инвестирање како основа за финансиска сигурност и квалитетен живот“.
Исто така, во соработка со Економскиот факултет – Скопје, МАПАС заедно со трите пензиски друштва – КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, Сава пензиско друштво АД Скопје и Триглав пензиско друштво АД Скопје – со студентите на Катедрата за финансии ќе одржат интерактивна комуникација посветена на Глобалната недела на парите, значењето на пензискиот систем, долгорочното инвестирање и улогата на пензиските фондови во обезбедувањето финансиска стабилност во иднина.
Врз основа на Меморандумот за соработка со Економскиот факултет – Скопје, во рамките на Глобалната недела на парите ќе се одржи и координативен состанок за спроведување на едукативниот проект наменет за студенти „Young Pension Investor Challenge“, чија цел е преку практичен и интерактивен пристап да се поттикне интересот на младите за долгорочно инвестирање и за градење финансиска сигурност.
Во организација на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), Глобалната недела на парите се одбележува од 2012 година, со единствен прекин во 2020 година поради пандемијата. Досега одбележувањето е реализирано во повеќе од 176 земји во светот, при што се вклучени над 32.000 организации и институции, а опфатени се повеќе од 71 милион деца и млади.
Целта е да се зајакнува свеста на младите луѓе, од рана возраст, за значењето на финансиската писменост и потребата да стекнуваат знаења и вештини и да градат ставови и однесувања потребни за донесување разумни финансиски одлуки и за постигнување финансиска благосостојба и финансиска отпорност.
Повеќе информации за Глобалната недела на парите се достапни на:
www.globalmoneyweek.org

(02) 3224 229
contact@mapas.mk