Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

МАПАС одбележа 5 години од своето постоење

Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) во петокот на 21.09.2007 год. со пригодна свеченост во Даут Пашиниот Амам, ја одбележа 5-годишнината од своето постоење.

На свеченоста беа поканети и присуствуваа соработници на МАПАС, колеги и пријатели од институциите од земјата и од странство кои во изминатите пет години активно го поддржуваа развојот на оваа институција.

“Денес, МАПАС има многу важна улога во рамките на институционалната инфраструктура на вториот столб која во блиска иднина ќе се пренесе и на доброволното капитално финансирано пензиско осигурување (трет столб). Членството во двата пензиски фонда веќе стигна до 150.000 членови. Средствата на пензиските фондови изнесуваат околу 2.5 милијарди денари и се инвестираат во обврзници (70,80%), во депозити (14,41%) и во акции (14,79%), а од пред неколку месеци почнаа и првите инвестирања во странство.” рече директорката на МАПАС, Зорица Апостолска во своето обраќање.

Министерот за труд и социјална политика Љупчо Мешков во своето обраќање до присутните истакна: “За изминатите пет години од постоењето, со задоволство можам да констатирам дека МАПАС бележи голем и значаен напредок, што е секако резултат на ентузијазмот на директорот и вработените и нивната целосна посветеност во извршувањето на задачите. МАПАС претставува институција која треба да биде пример за ефикасно и навремено извршување на деловните задачи за кои е основана.“

МАПАС е основана во 2002 година, а целта на ова супервизорско и регулаторно тело е да ги штити интересите на членовите на пензиските фондови, да го унапредува капиталното финансирано пензиско осигурување и да ја јакне свеста на јавноста за карактеристиките на ова осигурување.

Skip to content