Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

МАПАС на Banking Roundtable 2026: Размена на искуства за современите пристапи во финансискиот сектор

По покана на Македонската банкарска асоцијација (МБА), претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Ремзи Бајрами, и главниот советник на претседателот, Марија Поповска, учествуваа на Banking Roundtable – Global Banking Annual Review 2026, одржана на 9 ноември 2026 година во Скопје, во организација на McKinsey & Company, Finalta by McKinsey и Македонската банкарска асоцијација.

На настанот беа презентирани актуелните глобални и регионални трендови во банкарскиот сектор, практичната примена на вештачката интелигенција во финансиските институции, како и пристапот на Finalta by McKinsey за споредбена анализа на перформансите, однесувањето на клиентите и новите приоритети во банкарскиот сектор во Централна и Источна Европа. 

Учеството на МАПАС на вакви стручни настани е значајно за следење на современите практики во финансискиот сектор, дигиталната трансформација, примената на вештачката интелигенција и користењето споредбени методологии за мерење на ефикасноста и перформансите на финансиските институции.

Во рамките на настанот, претставниците на МАПАС разговараа со претставници на McKinsey & Company и Finalta by McKinsey за можностите одредени аналитички и технолошки пристапи и решенија што се применуваат во финансискиот сектор соодветно да се приспособат на специфичностите на капитално финансираното пензиско осигурување.

Посебно внимание беше посветено на можностите за развој на методолошки пристап за споредбена анализа на работењето на пензиските друштва и пензиските фондови, врз основа на релевантни индикатори за оперативна ефикасност, инвестициски перформанси, управување со ризиците и вредноста што им се обезбедува на членовите на пензиските фондови.

За МАПАС, разгледувањето на ваквите пристапи е значајно и од аспект на натамошното унапредување на супервизијата базирана на ризици, поефикасното користење на податоците во супервизорскиот процес и разгледувањето на можностите за споредба на домашниот капитално финансиран пензиски систем со соодветни меѓународни практики и споредливи системи.

Размената на искуства претставува можност МАПАС континуирано да ги следи иновациите што се применуваат во поширокиот финансиски сектор и да ја оценува нивната применливост во пензиското осигурување, водејќи се, пред сè, од заштитата на интересите на членовите и пензионираните членови, стабилноста на системот и унапредувањето на квалитетот и ефикасноста на супервизијата.

Skip to content