Претставници на Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување – МАПАС присуствуваа на предавањето на проф. д-р Марчин Пјонтковски на Економскиот факултет – Скопје, на тема „Европски шампион во економскиот раст: Патот на Полска од сиромаштија до просперитет“.
Предавањето, поврзано и со истражувањата претставени во книгата на проф. Пјонтковски Europe’s Growth Champion: Insights from the Economic Rise of Poland, понуди поширок осврт на економската трансформација на Полска, улогата на институциите и реформите во нејзиниот развој, како и на предизвиците за одржување на долгорочниот економски раст.
Од аспект на своите надлежности, МАПАС континуирано ги следи и анализира меѓународните искуства и реформските процеси во земјите што во своите пензиски системи воведоа капитално финансирана компонента, вклучително и последователните промени што дел од нив ги спроведоа во услови на економски и политички кризи, фискални притисоци, демографски промени и зголемени буџетски предизвици. Различните реформски пристапи и законски решенија претставуваат значајна основа за компаративно согледување на придобивките, ризиците и долгорочните ефекти од пензиските реформи.
За МАПАС, следењето на меѓународните искуства е особено значајно бидејќи ефектите од пензиските реформи треба да се оценуваат во контекст на пензискиот систем во целина, земајќи ги предвид неговите институционални, економски, фискални и демографски специфики. Оттука, секоја евентуална промена во задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување треба да се темели на сеопфатни актуарски, фискални и инвестициски анализи, со цел објективно да се проценат краткорочните и долгорочните ефекти врз членовите, јавните финансии, одржливоста на системот и адекватноста на идните пензиски примања.
Резултатите од капитално финансираното пензиско осигурување МАПАС ги темели и согледува преку компаративни, сеопфатни и долгорочни анализи, кои ги земаат предвид остварените приноси, периодот на акумулација на средствата, висината и континуитетот на придонесите, надоместоците, инфлацијата, инвестициските ограничувања и преземениот ризик. При оценувањето на инвестициските резултати, од особено значење е примената на јасна и конзистентна методологија, со споредлив временски период и соодветен репер, како и јасно разграничување меѓу номиналниот и реалниот принос и меѓу приносот пред и по надоместоците.
Истовремено, анализата на ефектите од пензиските реформи треба да ги опфати и фискалната одржливост на првиот пензиски столб, демографските движења, буџетските трансфери кон Фондот на пензиското и инвалидското осигурување и долгорочните обврски на државата, со цел придобивките и ризиците од различните реформски решенија да се оценуваат интегрално, а не преку изолирано набљудување на одделна компонента на пензискиот систем.
МАПАС останува посветен на стручен, независен и аналитички пристап, континуирано следење на меѓународните искуства и темелна анализа на придобивките и ризиците од различните реформски модели, со примарна цел заштита на правата и долгорочните интереси на членовите и придонес кон обезбедување финансиски одржлив пензиски систем и адекватни пензиски примања за сегашните и идните генерации.
Меѓународните искуства и различните пристапи во реформите на пензиските системи претставуваат значајна основа за МАПАС за компаративно согледување на нивните придобивки, ризици и долгорочни ефекти врз одржливоста на пензискиот систем и адекватноста на пензиските примања.

(02) 3224 229
contact@mapas.mk