Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

МАПАС потпиша Меморандум за соработка со Македонска Асоцијација за Човечки Ресурси – МАЧР

Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС со поддршка на пензиските друштва започнува активна соработка со граѓанскиот сектор во сферата на финансиската едукација, особено во делот на подигање на свесноста кај населението за придобивките  од капитално финансираното пензиско осигурување.  По тој повод на денешен ден 15.02.2022 година во просториите на Агенцијата се склучи Меморандум за соработка со Македонска Асоцијација за Човечки Ресурси – МАЧР од Скопје. Целта на оваа соработка е спроведување на заеднички  активности за финансиска едукација и подигање на свеста на вработените лица за своите права со акцент на правата од капитално финансирано пензиско осигурување. Заедничката соработка ќе се однесува на размена на искуства, знаења и податоци, унапредување на националното законодавство во соодветната област на делување, реализација на проекти од заеднички интерес и примена на меѓународни искуства.

Во рамките на Меморандумот, Агенцијата во соработка со пензиските друштва ќе  вклучи лица/експерти за учество на тренинг програми во рамките на работата на Асоцијацијата  во  делот на придобивките од долгорочното инвестирање и капитално финансираното пензиско осигурување.

Двете страни во рамките на Меморандумот се обврзаа за редовна соработка и следење на процесот на имплементацијата на активностите за финансиска едукација и финансиска инклузија, на кој начин во континуитет ќе се даваат насоки за унапредување на истите.

Преку оваа соработка се очекува да се прошири мрежата на организации за финансиска едукација и финансиска инклузија во нашата земја со цел да се подигне свеста за значајноста на истата за населението, а особено за младите и маргинализираните групи во носење финансиски одлуки кои ќе им обезбедат долгорочна сигурност  и  квалитет на живот во старост.

 

 

Skip to content