Во рамки на одбележувањето на Global Money Week, претставници од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), заедно со претставници од пензиските друштва КБ Прво пензиско друштво, Сава пензиско друштво и Триглав пензиско друштво, одржаа средба со наставниот кадар и реализираа интерактивна работилница во ООУ „Свети Климент Охридски“ во Општина Бутел.
Настанот беше насочен кон унапредување на финансиската писменост кај младите, преку директна комуникација со наставниците и учениците.
Во рамки на работилницата, со наставниот кадар се дискутираше за наодите од Анализата за финансиската писменост во основното образование, изработена и објавена од Биро за развој на образованието, која дава увид во степенот на застапеност на финансиската едукација во наставниот процес.
Посебен фокус беше ставен на:
- начинот и зачестеноста на интегрирање на финансиските теми во наставата,
- интересот и ангажираноста на учениците,
- предизвиците со кои се соочуваат наставниците,
- како и потребата од дополнителни ресурси и поддршка.
Преку отворена дискусија, наставниците споделија практични искуства, при што беше истакнато дека, иако финансиската едукација е присутна во одредени наставни содржини, нејзината практична примена често зависи од индивидуалниот пристап на наставникот и достапните алатки.

Паралелно, со учениците беше реализирана интерактивна сесија на тема „Smart Money Talks“, што е главното мото на Global Money Week 2026. На сесијата се разговараше за паметното управување со пари, значењето на штедењето и инвестирањето, како и за нивните перцепции за платите на родителите и наставниците, како и за пензиите на нивните баби и дедовци.
Учениците покажаа висок интерес, особено за практични и реални животни примери – дали располагаат со личен буџет (џепарлак), како го трошат, дали штедат и дали разговараат за овие теми со своите родители и наставници.
Преку вакви активности, МАПАС ја потврдува својата посветеност кон унапредување на финансиската писменост и зајакнување на соработката со образовниот систем.
Analiza-za-finansiskata-pismenost-vo-osnovnoto-obrazovanie-file-JfsW.pdf
(02) 3224 229
contact@mapas.mk