Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

Пензискиот пазар во фокус 2021

Организацијата за економска соработка и развој – ОЕЦД го објави најновиот број на изданието Пензискиот пазар во фокус 2021.

Изданието на Пензискиот пазар во фокус 2021 дава преглед на капитално финансираните и приватните компоненти на пензиските системи заклучно со 2020 година во 92 земји и ги прикажува најновите случувања на пензиските пазари ширум светот. Изданието располага со широк спектар на усогласени и стандардизирани индикатори релевантни за капитално финансираните и приватните пензиски системи. Изданието од оваа година вклучува и анализа за потенцијалното влијание на вирусот Корона врз пензиските заштеди во 2020 година. Податоците што се користат за подготовка на овој извештај се обезбедени од регулаторите од земјите во рамките на проектот на ОЕЦД за Глобална статистика за пензии.

Средствата на пензиските заштеди, на светско ниво, продолжија да го следат трендот на раст и на крајот на 2020 година надминаа 56 билиони УСД (54 билиони УСД во земјите членки на ОЕЦД и 2 билиони УСД во земји кои не се членки на ОЕЦД) односно пораснаа за 11% во однос на 2019 година и покрај шокот што го предизвика пандемијата со вирусот Корона. Овој раст се должи на зголемување на бројoт на учесници во пензиските планови, зголемување на вкупните уплатени придонеси и позитивните инвестициски приноси во многу земји.

Иако помал во споредба со 2019 година, реалниот инвестициски принос на пензиските средства (нето од трошоците за управување) во 2020 година во просек изнесува 4,1% во земјите членки на ОЕЦД и 3,2% во земјите кои не се членки на ОЕЦД. По падот во првиот квартал од 2020 година, финансиските пазари на глобално ниво закрепнаа во текот на годината, овозможувајќи пензиските фондови да ги надоместат негативните резултати од инвестициите од првиот квартал. Ова беше поттикнато од секторите кои напредуваа за време на пандемијата (на пр. компаниите за технолошки развој), поддршките од централните банки да ги одржат ниски трошоците за задолжување (на пр. намалување на каматните стапки) и позитивните очекувања во текот на годината (развој на вакцини и нивно одобрување од здравствените власти).

Изданието на Пензискиот пазар во Фокус 2021 е на следниот линк: Pension Market in Focus 2021.

Skip to content