Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување ја продолжи праксата на одржување на предавања за заинтересираните студенти на факултетите во државата и на 15.5.2025 година беше домаќин на студенти од Универзитетот Американ Колеџ Скопје. Студентите од додипломски студии кои го слушаат предметот Финансиски пазари и институции кај професорката д-р Маја Парнарџиева-Змејкова беа запознаени со функционирањето на капитално финансираното пензиско осигурување како значаен дел од финанискиот сектор во државата и улогата на Агенција како регулатор и супервизор на пензиските друштва и пензиските фондови.
На предавањето, Дарко Саздов, член на Советот на експерти на Агенцијата ги објасни основните карактеристики на капитално финансираното пензиско осигурување, ја потенцира лична улога која ја имаат граѓаните како членови на пензиските фондови преку носење на одлуки, во сите фази на пензиското штедење – зачленување, акумулирање и исплата, потоа ја истакна важноста на процесот на капитализирање на средствата како и улогата и фидуцијарната должност на пензиските друштва при управувањето и инвестирањето на средствата на пензиските фондови. Значаен дел од предавањето беше посветен на работењето на Агенцијата особено вршењето на супевизијата, при што детално беше објаснет текот на теренската контрола којашто од 2013 година се спроведува врз основа на оценување на ризиците во капитално финансираното пензиско осигурување. Овој начин на супервизија подразбира структурен пристап во идентификувањето и оценка на ризиците од работењето на субјектите под супервизија и насочување на ресурсите на супервизијата кон ризиците за коишто постои најголема веројатност дека ќе влијаат на идните пензии на членовите на пензиските фондови и на одржливоста на системот. На крај беше презентирана и алатката за статистички податоци “МАПАС-СТАТ” којашто oбезбедува современ и едноставен пристап до податоците, интерактивна визуелизација и преземање на податоците од интернет страницата на Агенцијата а во насока на унапредување и одржување на стабилно и транспарентно капитално финансирано пензиско осигурување што ја има поддршката на членството и јавноста.
Со ваквите предавања на Агенцијата се овозможува унапредување на практичните знаења на студентите од областа на економијата и финансиите, поттикнување на нивниот интерес за кариера во областа на пензискиот систем, како и развивање на свеста на студените за целите и принципите на капитално финансираното пензиско осигурување и нивните права како идни членови на пензиските фондови.