Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

Одржана прес конференција за воведување на институционална независност на МАПАС

1 септември 2012

Промена на институционалната поставеност и надлежности на МАПАС
МАПАС станува независно регулаторно тело

Министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски и директорот на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), Булент Дервиши информираа дека по 10 години постоење, МАПАС ќе стане регулаторно тело независно од Владата и во надлежност на Собранието на РМ.

Министерот Ристовски рече дека потребата за оперативно осамостојување се наметнала поради успехот и резултатите на Агенцијата  во изминатата деценија и дека во своето функционирање таа треба да биде независна од политичко влијание и од комерцијално мешање.

Новиот  статус на МАПАС е регулиран со законските измени кои што стапија во сила на 8 август откако беа усвоени во Парламентот. Супервизорското тело ќе го управува совет од пет непартиски членови – тројца професионално ангажирани во работата и двајца  независни експерти, кој треба да биде формиран во рок од 90 дена. 

“Резултатите од досегашниот период на функционирање на вториот пензиски столб покажуваат успех и раст на фондовите, и во смисла на број на членови  и во смисла на средства со кои управуваат. Задолжителните фондови имаат повеќе од 312.000 членови и средства од околу 19 милијарди денари или околу 310 милиони евра, што претставува околу 3,5 проценти од БДП. Сето ова укажува дека реформите во пензискиот систем не само што продолжуваат, туку се воведуваат и измени за унапредување на системот”, рече министерот Ристовски. Нагласи дека осигурениците и натаму ќе имаат гаранции за сигурноста на нивните средства во приватните пензиски фондови.

“Тоа и досега постоеше на доста високо ниво, затоа што државата гарантира за над 80 проценти од средствата кои се дел од приватните пензиски фондови. Гаранциите на државата продолжуваат со ист интензитет и на исто ниво, но со новиот начин на организација на Агенцијата се обезбедува комплетна независност од влијание на извршната власт”, рече Ристовски. 

Директорот на МАПАС Булент Дервиши информираше дека најзначајна активност во Агенцијата е ИПА-проектот кој со странски консултанти се спроведува од февруари 2011 и ќе трае до крајот на оваа година. Главна цел на проектот е да се зајакне институционалниот и супервизискиот капацитет на Агенцијата заради зголемена транспарентност и стабилност на пензискиот систем – воспоставување стратешко и деловно планирање,  развој на ИТ и истражувачките капацитети, технички подобро обучен кадар, воведување на сипервизија базирана на контрола на ризик.

“Сето ова ќе ни помогне на ја оствариме нашата мисија за обезбедување посигурни пензионерски денови за членовите на нашите пензиски фондови”, рече Дервиши. 

МАПАС е формирана во 2002 година, а во 2006 во Македонија е воведено капиталното финансирано пензиско осигурување (втор и трет столб), преку кое се акумулираат и вложуваат средства  на лична сметка на членовите во пензиските фондови.

 

Skip to content