Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

Претставник од МАПАС учествуваше на годишниот состанок на проектот за финансиска едукација поддржан од ОЕЦД/ИНФЕ

Во периодот од 7 до 9 октомври 2025 година, во Сараево, се одржа годишниот состанок на регионалниот проект за техничка поддршка во областа на финансиската едукација, организиран од Централната банка на Босна и Херцеговина, со поддршка од ОЕЦД/ИНФЕ и Министерството за финансии на Холандија.

На настанот учествуваше и Марија Поповска, како претставник од МАПАС во Координациското тело за финансиска едукација и финансиска инклузија, заедно со претставници од Народната банка, АСО и Комисијата за хартии од вредност. Тие, заедно со колеги од Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Бугарија, Романија, Кипар, Молдавија, Ерменија, Украина и Грузија – земји учеснички во проектот – дискутираа за реализираните активности, како и за идните политики и мерки за унапредување на финансиската едукација и дигиталната писменост.

Акцентот на дискусиите беше ставен врз унапредувањето на финансиската писменост како неопходна алатка во справувањето со предизвиците од брзата дигитализација и зголемените финансиски ризици од измами, злоупотреби и прекумерно задолжување. Посебно внимание беше посветено на потребата од едукација за ранливите групи, младите, жените, самовработените, како и потрошувачите со ограничено финансиско искуство.

Дополнително, беа презентирани иницијативи насочени кон јакнење на заштитата на потрошувачите при секојдневните финансиски трансакции, инвестирање и задолжување.

Учеството на МАПАС и презентирањето на нашите досегашни активности и идни планови претставува дополнителна потврда за нашата заложба за активно вклучување во регионските иницијативи, како и за поддршка на финансиската писменост, одржливоста на пензискиот систем и зголемена финансиска инклузија.

Skip to content