Во рамките на предвидените активности кон исполнување на стратегиската цел – Унапредување и одржување на стабилно и транспарентно капитално финансирано пензиско осигурување што ја има поддршката на членството и јавноста, МАПАС во текот на месец мај 2021 година, спроведе истражување за информираноста на членовите во задолжителните пензиски фондови преку телефонска анкета.
Во анкетата се користеше структуриран прашалник, а анкетирањето се вршеше со CATI метода – телефонско интервју со помош на компјутер, а податоците се обработени групно и анонимно. Прашањата во анкетата беа организирани во неколку групи, и тоа:
- Лична информираност за членувањето во задолжителен пензиски фонд;
- Ниво на лична информираност со вториот столб
- Начин на информирање за вториот столб;
- Ниво на лична информираност со улогата на пензиските друштва и задоволство од работата на пензиските друштва;
- Ниво на познавање на правата и обврските од членување во задолжителните пензиски фондови;
- Ниво на разбирање на податоците од извештајот за пензиска заштеда и
- Информираност за МАПАС.
Вкупниот примерок, опфатен во оваа анкета го сочинуваа 1.100 испитаници, членови на задолжителни пензиски фондови, при што 47% од испитаниците се членови на Отворен задолжителен пензиски фонд Сава пензиски фонд, 50% од испитаници се членови на КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд – Скопје и 3% од испитаниците се членови на Триглав отворен задолжителен пензиски фонд – Скопје. Во примерокот, 96% од испитаниците се членови со склучен договор за членство додека 4% се распределени членови.
Првата група на прашања во анкетата, Лична информираност за членување во задолжителен пензиски фонд ги опфаќаше прашањата:
- “Дали сте член на некој од задолжителните пензиски фондови?” и
- “Во кој задолжителен пензиски фонд сте член?”.
Најголем дел од испитаниците, дури 91,2% одговориле дека знаат дека се членови на некој од задолжителните пензиски фондови. Од овие испитаници, 18,7% не знаеле да посочат во кој задолжителен пензиски фонд конкретно се членови.
Подетални податоци може да најдете во Извештајот од спроведено истражување за информираноста на членовите во задолжителните пензиски фондови 2021.