Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

Соопштение за остварена средба со извршниот директор г-ѓа Марија Ристеска и жени претставници на Центарот за истражување и креирање политики

Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС како член на  Координациското  тело за финансиска едукација и финансиска инклузија кое е составено од претставници од финансиските институциите потписнички на Меморандумот за соработка во сферата на финансиската едукација и финансиската инклузија (од март 2019 година)  заедно со пензиските друштва  има координиран пристап во спроведување на заеднички  активности во правец на подигање на свесноста за потребата од поголема финансиска писменост кои се темелат на усвоената Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија 2021 ‒ 2025 година,  од која  произлегуваат и резултатите од истражувањето спроведено во нашата земја кое открива јаз помеѓу нивоата на писменост кај различните групи население, истакнувајќи ја потребата за диверзифициран пристап при финансиската едукација на различни целни групи.

Така е утврдено дека, нивото на финансиско знаење, според минимумот целни бодови, е пониско кај жените наспроти мажите, кај помладите и повозрасните наспроти средовечните, а воедно е пониско кај населението со пониско образование и кај населението со понизок доход.

Од тука произлегува потребата од продлабочување на соработката и поддршката на невладиниот сектор од страна на релевантните институции во државата и спроведување на поголем број на заеднички активности.

Со таа цел Агенцијата, денеска на 28.03.2024 година оствари средба со извршниот директор г-ѓа Марија Ристеска и жени претставници на Центарот за истражување и креирање политики на кој  беа споделени предлози и беа разгледани можностите за заеднички пристап во процесот на зголемување на финансиската едукација и пензиската свесност кај жените во нашата земја, како значаен и основен предуслов за обезбедување на иднината и сигурноста на жената во пензионерските денови.

Бидејќи  месец март  е месец кога пензиските друштва го доставуваат зелениот плик кој содржи информации за годишниот извештај, информации за портфолиото,  формулар за ажурирање и корисничко име и лозинка за најава,  од особена важност за секој член на пензиските фондови е да ги разбере информациите кои ги содржи зелениот плик,  а наша цел е да ја зголемиме пензиската писменост и да обезбедиме поголема свесност кај сите наши сегашни и идни членови континуирано да ја следат својата индивидуална  сметка и навремено да ги ажурираат своите податоци.

Потребата од  поголема финансиска писменост, особено на жените е видлива и изразена во новата реалност на живеење во многу кризни и турбулентни времиња, каде знаењата и вештините поврзани со финансиите се од клучна важност за нашето секојдневно живеење.

Суштината за преобликување на иднината на финансиската писменост на жените се заснова на поголема взаемна соработка и долгорочни партнерства кои овозможуваат поддршка, особено на жените во светот на бизнисот на патот кон успехот.

Силно веруваме дека ваквиот начин на соработка ќе вроди нови можности за учење, контакти и споделување искуства и знаења.

 

Skip to content