Согласно Извештајот за извршена проверка на објавените документи и информации кои имателите од државните институции во Република Северна Македонија се обврзани да ги објавуваат на своите веб-страници, изготвен од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер за 2025 година, Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување го освои третото место со вкупно 50 поени, од можни 51 поен.
Мониторингот беше спроведен во октомври 2025 година, согласно Методологијата за проактивно објавување на информации од јавен карактер и одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Во истиот беа опфатени 99 државни институции, а оценувањето беше извршено врз основа на прашалник со 31 прашање, произлезени од член 10 од Законот. Резултатите укажуваат на значително унапредување на нивото на транспарентност и достапност на информациите на веб-страницата на Агенцијата.
Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата, Ремзи Бајрами, истакна дека остварениот резултат претставува потврда за континуираната посветеност на Агенцијата за проактивно, навремено и редовно објавување на информации од јавен карактер, во насока на јакнење на транспарентноста, отчетноста и довербата на јавноста во институциите.
(02) 3224 229
contact@mapas.mk