Од 23-ти до 25-ти ноември годинава ќе се одржи шестото издание на Деновите на финансиската писменост коишто ги организираат финансиските регулаторни институции, во соработка со приватниот финансиски сектор.
За Деновите на финансиска писменост, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС и пензиските друштва се фокусираат на активности за подигање на свесноста кај граѓаните и фирмите за доброволното пензиско осигурување или познато како трет пензиски столб. За таа цел заеднички организираме едукација во повеќе фирми во државата, каде менаџментот и вработените одблиску се запознаваат со можностите и бенефитите од долгорочно штедење во доброволен пензиски столб. Особено е значајно од тој аспект, да ја напомене можноста за уплата на дополнителен пензиски придонес која работодавачот може да им ја понуди на своите вработени како бенефиција која ќе му помогне да ги задржи своите вработени кои му се особено важни за процесот и квалитетот на работата. Ова претставува дополнителна мотивација и награда за вложениот труд. Некои од фирмите во кои ќе се организираат едукативни презентации се: Bella, Алфиби, Кожувчанка, Витаминка, БТС АРТ Фактори, Таб Мак во Пробиштип, ЏАГАТАJ – Скопје и Македонска радио дифузија-Скопје.
Исто така ги повикуваме граѓаните да ја посетат нашата нова интернет страница www.mapas.mk каде преку дигиталната алатка https://mapas.mk/proverka-i-raspredelba-na-osigurenik/ може да направат брза проверка за секој корисник во кој задолжителен пензиски фонд е член. Оваа алатка, освен што на корисникот му дава информација во кој пензиски фонд е член, истовремено го известува и за начинот на кој може да ја следи својата индивидуална сметка.
Преку веб страната овозможен е и побрз и постојан увид на бројот на членови и вкупниот износ на нето средствата во задолжителните и во доброволните пензиски фондови. Меѓу новите функционалности на интернет страницата е можноста за дигитално поднесување на изјави и барања, како и можност за дигитално пријавување на неправилности до МАПАС.
Исто така, на веб страната Penzija.mk – која е поддржана од МАПАС и од пензиските друштва, граѓаните можат да добијат одговори на сите прашања поврзани со пензискиот систем, а особено младите кои се нашата иднина.
Целта на овие активности е да се зајакне финансиската едукација, да се поттикне финансиската инклузија и да се зголемат свесноста и заштитата на нашите сегашни и идни членови на пензиските фондови.