Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

Соопштение за промена на критериум за задолжителни членови на втор пензиски столб

Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), ја известува јавноста, дека согласно измените на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување во Службен весник (бр.245/2018 година), се направени промени во критериумите за членство во задолжителен пензиски фонд (втор пензиски столб), и тоа:
– На членовите кои немаат склучен договор за членство во задолжителен пензиски фонд и се распределени од страна на Фондот за пензиско инвалидско осигурување на Македонија, а се родени пред 01 јануари1967 година им престанува членството во задолжителниот пензиски фонд на 1 јануари 2019 година. Со престанување на членството, осигуреникот останува осигурен само во тековното финансирано пензиско осигурување засновано на генерациска солидарност (прв столб). На членовите на кои им престанува членството во задолжителен пензиски фонд, друштвото го пренесува вкупниот износ на средствата од сметката на членовите во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија.
– Членовите, родени пред 01.01.1967 година, кои по сопствен избор станале членови на вториот пензиски столб, со склучување на Договор за членство во задолжителен пензиски фонд, имаат право да изберат да го прекинат или продолжат членството во вториот пензиски столб со писмена Изјава за престанување или продолжување на членството во задолжителен пензиски фонд, најдоцна до 30 септември 2019 година. Доколку членот, до овој рок не даде Изјава за продолжување на членството во задолжителен пензиски фонд, на 30 септември 2019 година му престанува членството во задолжителен пензиски фонд. На членот кој дава Изјава за престанување на членството во задолжителен пензиски фонд пред 30 септември 2019 година, членството му престанува на датумот на давањето на изјавата. За членовите на кои ќе им престане членството, друштвото го пренесува вкупниот износ на нивните средства во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија.
– На членовите на задолжителен пензиски фонд кои до денот на отпочнување на примена на овој закон, во текот на осигурувањето се стекнале со својство на осигуреник согласно член 11 точка 9 и 15 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување или во текот на осигурувањето имале стаж на осигурување кој се смета со зголемено траење, им престанува членството во задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување на 1 јануари 2019 година.

Skip to content