Во насока на зголемување на транспарентноста и квалитативно и квантитативно унапредување на податоците што се објавуваат за капитално финансираното пензиско осигурување, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС го прошири известувањето за остварениот принос на пензиските фондови. Покрај податоците за остварениот принос што досега се објавуваа, за периоди што се утврдени во прописите, од октомври 2021 година, МАПАС ќе објавува принос на пензиските фондови и за период од претходни 12 месеци, како и просечен принос на задолжителните односно доброволните пензиски фондови, за соодветните периоди. Овие податоци ќе се објавуват редовно, квартално, како дел од известувањата Принос на задолжителни пензиски фондови 2021 и Принос на доброволни пензиски фондови 2021, достапни за сите заинтересирани страни и пошироката јавност, во pdf и Excel формат.
На ниво на задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, во седумгодишниот период 30.9.2014– 30.9.2021 година, беше остварен просечен принос сведен на годишно ниво од 5,78% во номинален износ односно 4,50% во реален износ, пресметан преку промената на пондерираниот просек на сметководствените единици на задолжителните пензиски фондови. Додека пак на ниво на доброволно капитално финансирано пензиско осигурување, во седумгодишниот период 30.9.2014– 30.9.2021 година, беше остварен просечен принос сведен на годишно ниво од 5,92% во номинален износ односно 4,64% во реален износ, пресметан преку промената на пондерираниот просек на сметководствените единици на доброволните пензиски фондови.
Со оглед на зголемената важност на капитално финансираното пензиско осигурување во вкупниот финансиски сектор, како и зголемувањето на бројот на субјекти врз кои МАПАС врши супервизија, а во рамките на предвидените активности кон стратегиската цел – Унапредување и одржување на стабилно и транспарентно капитално финансирано пензиско осигурување што ја има поддршката на членството и јавноста, МАПАС ќе продолжи да ги унапредува информациите што ги објавува во редовните статистички извештаи.