Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

Студиска посета на супервизорски и финансиски институции во Бугарија на тема членство во задолжителните пензиски фондови

На 19 и 20 ноември 2007г. во Софија, Р.Бугарија се реализираше студиска посета на супервизорски и финансиски институции во Бугарија.

Целта на студиското патување беше запознавање на искуствата, проблемите и препораките во врска со членството во приватните пензиски фондови а особено со процесот на премин на членовите од еден во друг фонд кој во Македонија ќе започне на 1.01.2008год. Со таа цел беа посетени Комисијата за финансиска супервизија, Националната агенција за придонеси, едно друштво за управување со пензиски фондови ING Bulgaria и Националниот осигурителен институт. 

Во Комисијата за финансиска супервизија беа оддржани две презентации за „Членство во пензиските фондови во Р. Бугарија” и „Промена на членство и префрлање на средствата од еден во друг пензиски фонд”. При оваа посета беа разменети искуствата на КФС и МАПАС во однос на членството, работењето на агентите, маркетингот на друштвата, процесот на трансфер, формата на договорот за членство и сл. При посетата на Националната агенција за придонеси беше дискутирано за процесот на распределба на осигурениците кои не избрале задолжителен пензиски фонд, за регистарот на членови кој го води оваа институција и нејзината улога во процесот на трансфер на членови. Во пензиското друштво ИНГ се дискутираше за нивните искуства, односно проблемите со кои се соочиле при започнување на процесот на трансфер на членови од едно во друго пензиско друштво. Во Национален осигурителен институт најмногу се разговараше за добрите и лошите страни на решението на Собранието на Бугарија за префрлување на функциите поврзани со вториот столб од Националниот осигурителен институт во Националната агенција за придонеси. 

Делегацијата од Македонија која учествуваше на оваа студиска посета оцени дека посетите на наведените институции беа од големо значење, бидејќи на лице место се осознаа искуствата и препораките од сите институции вклучени во процесот на премин на членови од еден во друг задолжителен пензиски фонд. Со овој престој се стекна впечаток дека во решението предвидено во нашиот Закон за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување е најоптимално имајќи ги во предвид проблемите со кои бугарските институции се соочуваат во пракса.

Ова студиско патување беше организирано со поддршка на УСАИД/ Проектот за деловно опкружување.

Skip to content