Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

Седници на Совет на експерти 2019

Информација

од 26-та седница на Советот на експерти, одржана на 25.12.2019 година

Советот на експерти одржа седница на 25.12.2019 година и донесе:

• Правилник за измена и дополнување на Правилникот за правилата и минималните стандарди за определување на каматни стапки

Образложение:

Со измената на Правилникот за правилата и минималните стандарди за определување на каматни стапки, се прецизираат одредбите од правилникот кои се однесуваат на изборот на државни хартии од вредност кои се користат при определување на каматната стапка. Во услови кога на пазарот на државни хартии од вредност се појавија хартии од вредност со поголема рочност во споредба со периодот кога беше креирана регулативата (тогаш беа достапни обврзници со рочност од 5 години), се наметна потреба од ревидирање и прецизирање на минималните стандарди за избор на каматна стапка за ануитетен фактор поврзани со среднорочните и долгорочните државни хартии од вредност. Исто така се утвдува и дека каматната стапка што се користи за пресметка не треба да биде помала од нула.

• Годишен план за теренска контрола на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување за 2020 година

Советот на експерти даде одобрениe/согласност на:

• Барањето од КБ Прво пензиско друштво АД Скопје за одобрување на анексите на договорите кои КБ Прво пензиско друштво АД Скопје ги склучил во име и за сметка на пензиските фондови со брокерските куќи Еурохаус АД Скопје и ТТК Банка АД Скопје – Оддел за работа со хартии од вредност;
• Барањето од Сава пензиско друштво АД Скопје за давање на согласност за Анекс бр.1 склучен помеѓу Еурохаус АД Скопје и Сава пензиско друштво АД Скопје и
• Барањето од Сава пензиско друштво АД Скопје за давање на согласност за Анекс бр.1 склучен помеѓу ТТК Банка АД Скопје и Сава пензиско друштво АД Скопје.

Информација

од 24-та седница на Советот на експерти, одржана на 12.11.2019 година

Советот на експерти одржа седница на 12.11.2019 година и донесе:

1. Финансиски план на Агенцијaта за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување за 2020 година и
2. Годишна програма за работа на Aгенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување за 2020 година.

Информација од 23-та седница на Советот на експерти, одржана на 31.10.2019 година

Советот на експерти одржа седница на 31.10.2019 година и донесе:

Правилник за измена и дополнување на Правилникот за начинот и постапката на маркетинг на пензиски фондови.

Образложение:
Со измената на Правилникот за начинот и постапката на маркетинг на пензиски фондови се врши усогласување на одредбите од овој правилник со Законот за употребата на јазиците. Се пропишуваат можноста обрасците од овој правилник да се издадат и во двојазична форма по барање на членот.
Поради тоа што станува збор за обрасци кои треба да се имплементираат во софтверот на пензиските друштва се пропишува одложена примена од први од 01.01.2020 година.
Исто така се врши усогласување на текстот на правилникот со новото име на државата.

Правилник за измена и дополнување на Правилникот за членство во задолжителен пензиски фонд.

Образложение:
Со измената на Правилникот за членство во задолжителен пензиски фонд се врши усогласување на одредбите од овој правилник со Законот за употребата на јазиците. Се пропишуваат можноста обрасците од овој правилник да се издадат и во двојазична форма по барање на лице. Тие обрасци се: договорот за членство во задолжителен пензиски фонд, поднесокот за раскинување на договорот за членство, согласност за премин и барањето за ажурирање или коригирање личен податок за членство во Регистарот на членови. Пополнувањето на обрасците треба да биде на македонски и албански јазик.
Поради тоа што станува збор за обрасци кои треба да се имплементираат во софтверот на МАПАС се пропишува одложена примена од први од 01.01.2020 година.
Со оваа измена се менува Образецот број 3 “Изјава за согласност за премин“ односно се брише полето кое се пополнува со податокот до кого се доставува изјавата. Оваа измена е поради тоа што при премин на член од еден во друг пенззики фонд покрај изјавата за премин задолжително се склучува договор во кој се содржани сите потребни податоци за премин.

Исто така се врши усогласување на текстот на правилникот со новото име на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија.

Информација од 22-та седница на Советот на експерти, одржана на 25.09.2019 година

Советот на експерти одржа седница на 25.09.2019 година и донесе:

• Правилник за начинот на пренос на средствата во Фондот на ПИОСМ.
Образложение:
Со Законот за дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување (Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 180/2019) со членот 1 со кој се додава нов член 58-а и член 2, се воспостави основ МАПАС да го пропише начинот на пренос на средства од индивидуалната сметка на членот во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија. Поради промена на основот за пропишување согласно номотехничките правила потребно е да се изготви нов правилник.
Суштинската измена е содржана во член 14 и член 19 од овој правилник.
Членот 14 ја уредува постапката за начинот на пренесување на средствата од индивидуалната сметка на членот во Фондот ПИОСМ поради навршување стаж на осигурување кој овозможува намалување на старосната граница за остварување право на старосна пензија на член на задолжителен пензиски фонд.
Членот 19 претставува преодна одредба со која се уредува постапката за пренесување на средствата од индивидуалната сметка во Фондот на ПИОСМ, на член на задолжителен пензиски фонд на кој му престанува членството на 01.12.2019 година
Исто така, се врши усогласување на текстот на правилникот со новото име на државата и Фондот на ПИОСМ.

Советот на експерти даде одобренија на:

• Барањето од Сава пензиско друштво а.д. Скопје за добивање на одобрение за именување на лице одговорно за индивидуални сметки;
• Барањето од Сава пензиско друштво а.д. Скопје за добивање на одобрение за именување на лице одговорно за инвестиционите одлуки и
• Барањето од Сава пензиско друштво а.д. Скопје за добивање на одобрение за именување на лице одговорно за маркетинг и контрола на агенти.

Информација од 21-та седница на Советот на експерти, одржана на 29.08.2019 година

Советот на експерти одржа седница на 29.08.2019 година и донесе:

• Правилник за измена и дополнување на Правилникот за агенти на пензиски друштва.
Образложение: Со измената на Правилникот за агенти се менуваат постојните два обрасци Образец број 1 (Уверение за положен испит за агент) и Образец број 2 ( Уверение за стекнување својство агент) и се пропишуваат два нови обрасци за Уверение за положен испит за агент 4 и Образец број 5 Уверение за стекнување својство агент во двојазична форма. Со промената на постојните обрасци број 1 и 2 се менува меморандумот согласно новото име на државата и се поедноставува неговата содржина.
Исто така се пропишува можност, по барање на лице, уверенијата за положен испит и уверение за стекнување својство агент да се издадат и во двојазична форма на образец број 4 и образец број 5. Со оваа измена се врши усогласување на одредбите од овој правилник со Законот за употребата на јазиците. Со членот 3 од измената се врши усогласување на текстот на правилникот со новото име на државата. Поради тоа што станува збор за обрасци кои треба да се имплементираат во софтверот на МАПАС се пропишува одложена примена од први октомври 2019 година.

Советот на експерти даде:

• Согласност на Анекси на Договорите склучени меѓу ТРИГЛАВ ПЕНЗИСКО ДРУШТВО АД Скопје, во име и за сметка на Триглав отворен задолжителен пензиски фонд и Триглав отворен доброволен пензиски фонд и правните лица кои вршат услуги со хартии од вредност.

Информација од 20-та седница на Советот на експерти, одржана на 22.07.2019 година

Советот на експерти одржа седница на 22.07.2019 година и донесе:

Правилник за измена на Правилникот за начинот и постапката за избор на член на управен одбор и на надзорен одбор на пензиско друштво;
Образложение: Со измената во членот 9 од Правилникот за начинот и постапката за избор на член на управен одбор и на надзорен одбор на пензиско друштво се предлага изборот на вршител на должност член на управен одбор, да не биде предмет на одобрување од Агенцијата. Предложеното решение од измената на овој правилник предвидува, друштвото само да ја извести Агенцијата за извршениот избор и да достави програма за работење на пензиското друштво и пензиските фондови изработена од предложениот член на управен одбор за неговиот делокруг на работа. Лицето кое што е именувано за вршител на должноста член на управен одбор, е веќе еднаш одобрено од страна на Агенцијата како член на надзорен одбор, па оттука Агенцијата во најголем дел е запознаена со неговите перформанси.

Одобрение за измена на Статутот на Триглав пензиско друштво АД Скопје;

Одобрение за избор на предложен член на Управен одбор на Сава пензиско друштво а.д. Скопје;

Одобрение за реизбор на предложен член на Управен одбор на Сава пензиско друштво а.д. Скопје.

Советот на експерти одржа седница на 20.06.2019 година и донесе:

1. Правилник за измена и дополнување на Правилникот за техничките и организациските мерки за обезбедување тајност и заштита на обработката на личните податоци:

Образложение:

Правилникот за техничките и организациските мерки за обезбедување тајност и заштита на обработката на личните податоци се менува согласно промената на интерните упатства и насоките дадени од Дирекцијата за заштита на личните податоци. Агенцијата се обрати до Дирекцијата заради добивање на одобрение за вршење обработка на биометриски податоци поребни за потврда на идентитетот на субјектот на личните податоци односно обработка на глас. Одобрението се бара заради воведување снимање на телефонски разговори со членови на пензиските фондови што значи олеснување на начините на комуникација заради остварување на правата на членовите. Одредбите за организациски мерки за заштита на личните податоци при обработката на податоците од системот за снимање на телефонски разговори, од овој правилник, се одобрени од Дирекцијата со решение Уп1 09-222 од 16.05.2019 година.

Советот на експерти одржа седница на 27.05.2019 година.

Советот на експерти одржа електронска седница на 14.05.2019 година.

Советот на експерти на седницата одржана на 15.04.2019 година го донесе:

1. Правилник за измена и дополнување на Правилникот за ненавремено пренесување на придонеси:

Образложение:

Со членовите 1, 2, 3, 4, и 5 од предлог измената на Правилникот за ненавремено пренесување на придонеси се врши прилагодување начинот на пресметката на надоместокот за ненавремена уплата на придонеси во случај кога за осигуреник за кој се пресметува надоместок, постои датум на кој имало уплата пред почетокот на работењето на задолжителниот пензиски фонд каде што е распределен осигуреникот.

Со членот 6 од изменaта се врши усогласување на текстот на правилникот со новото име на државата.

Советот на експерти одржа седница на 28.03.2019 година.

Советот на експерти одржа седница на 20.03.2019 година.

Советот на експерти одржа седница на 25.02.2019 година.

Советот на експерти на седницата одржана на 14.02.2019 година го донесе:

1. Правилник за измена и дополнување на Правилникот за индивидуални сметки:

Образложение

Со измената на Правилникот за индивидуални сметки се врши усогласување на овој правилник со измената на Законот за задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување која се однесува на дополнување на евиденцијата за индивидуалните сметки со податоци за надоместок за ненавремено пренесување на придонес, надоместок за ненавремена распределба на осигуреник и податок за даночен број на работодавачот.
Поради потреба постојните друштва да го надградат софтверот за евиденцијата на индивидуални сметки со нов податок (даночен број на работодавач) се определува преоден период на усогласување до 01.04.2019 година.

2. Правилник за измена на Правилникот за начинот и постапката на маркетинг на пензиски фондови

Образложение

Со член 1 од измената се врши измена, по насока дадена од Министерството за труд и социјална политика, образецот број 7 да се достатува само до членови на задолжителниот пензиски фонд кои се избришани од Регистарот на членови, а кои во текот на осигурувањето се стекнале со својство на осигуреник согласно со членот 11 точки 9 и 15 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
Со член 2 од измената се менува образецот број 7“ Извештај за пензиска заштеда на индивидуална сметка“ кој се доставува до членови на задолжителните пензиски фондови кои согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување (Службен весник на Република Македонија” број 245/2018) треба да се избришат од регистарот на членови. Со оглед на тоа што на овие членови им престанало членството во задолжителните пензиски фондови заклучно со 01.01.2019 година пензиските друштва треба да им ги достават извештаите, кои се задолжителни согласно закон, за период од последниот извештај до последниот датум на проценка заклучно со 31.12.2018 година.

3. Правилник за дополнување на Правилникот за проценка на средствата на задолжителните и доброволните пензиски фондови

Образложение

Со член 1 од Правилникот за дополнување на Правилникот за проценка на средствата на задолжителните и доброволните пензиски фондови се уредува начинот на претварање на средствата во сметководствени единици по основ на пренос на средства од друг пензиски фонд и уплата на надоместок за ненавремено пренесување на придонеси или надоместок за ненавремена распределба на осигуреници.

Советот на експерти одржа седница на 29.01.2019 година.

Советот на експерти на седницата одржана на 11.01.2019 година го донесе:

1. Правилник за начинот на пренос на средствата во Фондот на ПИОМ

Образложение:
Со овој правилник до донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр. 245/2018) поблиску се пропишуваше:
– начинот и постапката за пренесување на средствата кога член ќе стекне право на инвалидска пензија, во случај на смрт на член чии членови на семејството имаат право на семејна пензија и кога починатиот член нема членови на семејството кои имаат право на семејна пензија.
Покрај овие случаи, со овој правилник поблиску се пропишува:
– начинот на пренесување на средствата на осигуреник кој е погрешно распределен во задолжителен пензиски фонд од страна на Фондот на ПИОМ,
– начинот и постапката за пренесување на средствата на членот на задолжителен пензиски фонд на кој му престанало членството поради промена на основот на осигурување согласно член 118 став (4) од Законот за пензиското и инвалидското осигурување и
– начинот на враќање во Фондот на ПИОМ на погрешно пренесен придонес во задолжителен пензиски фонд.
Поради тоа што се додаваат нови членови од закон, кои се основа за донесување на овој правилник, се донесува нов правилник.

2. Правилник за ненавремено пренесување на придонеси

Образложение:
Со овој правилник поблиску се пропишува пренесување на придонесите, од Фондот на ПИОМ, во случај на ненавремена распределба на член или ненавремен пренос на придонес и начинот на пресметка на надоместокот кој го плаќа Фондот на ПИОМ во ваквите случаи, поточно:
– начинот на пренос на придонеси од Фондот на ПИОМ во задолжителен пензиски фонд во случај на ненавремено пренесување на придонесите на членовите на задолжителните пензиски фондови на сметките на избраните задолжителни пензиски фондови,
– начинот на пренос на придонеси од Фондот на ПИОМ во задолжителен пензиски фонд во случај на ненавремена распределба на осигурениците,
– начинот на пресметка на надоместокот за ненавремено пренесување на придонес и
– начинот на пресметка на надоместокот за ненавремена распределба на осигуреник
– начин на пресметка и уплата на надоместок, од страна на Фондот на ПИОМ, за осигурениците кои не биле распределени до денот на донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр. 245/2018).

3. Правилник за измена и дополнување на Правилникот за начинот и постапката на маркетинг на пензиски фондови

Образложение:
Со правилникот се воведува нова преодна одредба која ќе важи само за категориите на членови на задолжителните пензиски фондови кои согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување (Службен весник на Република Македонија” број 245/2018) треба да се избришат од регистарот на членови. Со оглед на тоа што на овие членови им престанува членството во задолжителните пензиски фондови заклучно со 01.01.2019 година пензиските друштва треба да им ги достават извештаите, кои се задолжителни согласно закон, за период од последниот извештај до последниот датум на проценка заклучно со датумот на престанок на членството во задолжителен пензиски фонд. За таа цел е пропишан и нов Образец број 7 со овој правилник.

Skip to content