Член на доброволен пензиски фонд може да биде секое лице кое навршило 15 години но не повеќе од 70 години и е сопственик на доброволна индивидуална сметка или секое лице кое е учесник во професионална пензиска шема и е сопственик на професионална сметка.
Членот може да уплаќа:
- Доброволен придонес сам за себе,
- Во негово име и за негова сметка да уплаќа доброволен придонес трето лице (т.н. уплаќач), или
- За него да плаќа осигурител односно финансиер на професионална пензиска шема.
Лицето станува член на доброволен пензиски фонд:
- Со потпишување на договор за членство во доброволен пензиски фонд меѓу лицето и друштвото и со отворање на доброволна индивидуална сметка
- Со потпишување на договор за членство во доброволен пензиски фонд меѓу лицето, уплаќачот и друштвото и со отворање на доброволна индивидуална сметка или
- Со учество во професионална пензиска шема и отворање на професионална сметка.
Друштвото отвара доброволна индивидуална сметка или професионална сметка на членот, веднаш по првата уплата на придонес.
Членот, уплаќачот и осигурителот, имаат право слободно да ја одредуваат висината на уплатениот износ на доброволен придонес и динамиката на уплатата, а промената на висината на уплатата, или прекинот на уплатата, не влијаат на правото на членство во доброволниот пензиски фонд, односно не значат прекин на членството.
Пензионер не може да биде член во трет столб.
Професионална пензиска шема ја организира работодавецот за неговите вработени, при тоа:
- Работодавачот донесува правила за професионалната пензиска шема и потпишува договор за организирање и финансирање професионална пензиска шема со претставник на своите вработени или членови. Секој учесник во професионалната пензиска шема треба да потпише изјава за согласност за учество во професионална пензиска шема и да ја достави до работодавачот.
- Работодавачот потпишува договор со друштвото кое го избрал да управува со доброволниот пензиски фонд во кој ќе биде вклучена професионалната пензиска шема.
- Работодавачот може да определи кои вработени или членови можат да учествуваат во професионалната пензиска шема и да ја определи стапката на придонес која ќе ја уплаќа за секој од нив.
Во моментов постојат четири пензиски друштва кои управуваат со по еден доброволен пензиски фонд:
За повеќе информации за нивното работење и полесен избор меѓу пензиските друштва можете:
- Да ги посетите нивните веб страници;
- Да ги разгледате нивните финансиски извештаи од работењето, инвестиционите стратегии и остварениот принос, како и надоместоците кои ги наплатуваат;
- Да дознаете какви услуги нудат на своите членови и каков углед имаат друштвата;
- Да ја посетите веб страницата на МАПАС: mapas.mk
Разговарајте со агенти на пензиските друштва пред да одлучите во кој доброволен пензиски фонд ќе се зачлените и при тоа побарајте ја легитимацијата на агентот со кој разговарате.
За контакт со агент потребно е да се обратите во пензиските друштва или во нивните деловни соработници.
Склучете договор за членство со избраниот доброволен пензиски фонд и внимателно пополнете ги податоците во договорот. Контакт податоците од договорот ќе бидат употребени за достава на редовни извештаи за Вашата заштеда на Вашата контакт адреса.
Доколку не сте задоволни од услугите на друштвото кое управува со доброволниот пензиски фонд во кој сте зачленети и имате доброволна индивидуална сметка можете да преминете во друг доброволен пензиски фонд кој го управува друго пензиско друштво.
За да преминете од доброволниот пензиски фонд каде што сте член (постоен доброволен пензиски фонд) во друг доброволен пензиски фонд управуван од друго друштво (иден доброволен пензиски фонд), треба да потпишете договор за членство со друштвото кое управува со идниот доброволен пензиски фонд и да потпишете формулар за согласност за премин.
Воедно доколку сте член помалку од една година потребно е да платите надоместок од 10 евра, а ако сте член повеќе од една година преминувањето е бесплатно. При премин се пренесуваат и вкупните средства од сметката на членот.
По исклучок, член на доброволен пензиски фонд како учесник во професионална пензиска шема не може да премине во друг доброволен пензиски фонд во периодот додека е вработен или е член на осигурител.
Сепак, во случај на премин на учесник во професионална пензиска шема од еден кај друг осигурител, тој има право на пренос на средствата заштедени во професионалната шема на професионална сметка или на доброволна индивидуална сметка, доколку другиот осигурител нема организирано професионална пензиска шема или не го вклучи лицето во неа. Членот, кој е учесник во професионална пензиска шема, има право на пренос на средствата на доброволна индивидуална сметка, доколку не се вработи или не се зачлени во осигурител.
Средствата од доброволен пензиски фонд можат да се повлечат најрано десет години пред возраста за стекнување право на старосна пензија во согласност со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, што во моментов би значело најрано на возраст од 52 години за жени, односно 54 години за мажи. Исто така, средствата можат да се повлечат во случај кога кај членот е утврдена општа неспособност за работа од страна на Комисија за оцена на работната способност при Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, без оглед на возраста. Во случај на смрт на членот средствата се предмет на наследство.
Средствата од третиот столб се користат по избор на членот во следните видови пензиски надоместоци:
- Еднократна или повеќекратни исплата на средства;
- Пензиски ануитет што се исплаќа од друштво за осигурување овластено за таа цел;
- Програмирани повлекувања обезбедени од друштвото кое управува со доброволен пензиски фонд, или
- Комбинација од горенаведените опции.