Координациското тело на финансиските регулатори за финансиска едукација и финансиска инклузија, во соработка со асоцијациите и институциите од приватниот сектор и непрофитните институции активни во доменот на финансиската едукација, деветта година по ред ја одбележуваат Глобалната недела на парите, којашто оваа година е во периодот 22 ‒ 28 март. Темата на Глобалната недела на парите за оваа година е: „Грижи се за себе, грижи се за своите пари“ (Take care of yourself, take care of your money).
Заради пандемијата со корона-вирусот, активностите за време на Глобалната недела на парите оваа година, главно ќе се одвиваат преку е-предавања и објави на едукативни материјали на интернет-страниците на институциите и на социјалните мрежи. Виртуелните едукативни предавања ќе бидат наменети за учениците и студентите од средните училишта и факултетите како и заинтересирани граѓани од нашата земја на теми од областите што ги покриваат одделните институции, поврзани со функционирањето на финансискиот сектор.
Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување – МАПАС воспостави контакт со средни училишта, факултети и граѓански здруженија (Интерактивна мрежа за образование и ресурси – ИМОР од Битола и Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико од Скопје) со кои подготви распоред на активности во рамките на еден училишен час во секоја институција да ја одбележи Глобалната недела на парите на локално ниво во нашата држава. Распоредот опфаќа учество на претставници на Агенцијата и пензиските друштва согласно подготвениот материјал да се подигне свеста на учениците, студентите и заинтересираните граѓани за капитално финансирано пензиско осигурување во нашата земја.
На светско ниво, Глобалната недела на парите се одбележува од 2012 година, со единствен прекин во 2020 година заради пандемијата, при што од 2021 година се одржува во организација на ОЕЦД. Оваа глобална иницијатива, којашто досега се одбележува во повеќе од 175 земји во светот, ја подигнува свеста кај младите за финансиската едукација и ги зголемува нивните знаења за парите, штедењето, вработувањето и претприемаштвото. Секоја година, младите луѓе разговараат, читаат и учат за економските и за финансиските системи преку најразлични активности што ги спроведуваат државните, финансиските и образовните институции. Целта на Глобалната недела на парите е да ги поттикне младите да инвестираат во својата иднина, истакнувајќи ја важноста на финансиската едукација, со што ќе се помогне тие да станат свесни за своите финансиски права, ќе им се олесни пристапноста до финансиските услуги и ќе се развијат нивните финансиски вештини.
Повеќе информации за Глобалната недела на парите на врската: http://globalmoneyweek.org/