Координациското тело на финансиските регулатори за финансиска едукација и финансиска инклузија, во соработка со асоцијациите и институциите од приватниот и граѓанскиот сектор коишто се активни во доменот на финансиската едукација, десетта година по ред ја одбележуваат Глобалната недела на парите од 21 до 27 март 2022 година.
Темата, годинава – „Градете ја својата иднина, користете ги парите паметно“ (Build your future, be smart about money), ја доловува важноста да се размислува за сопствената иднина при донесување важни финансиски одлуки. Оваа тема не само што ги поттикнува младите луѓе да размислуваат за иднината, туку и ги охрабрува организациите-учеснички на Глобалната недела на парите да размислуваат за иднината кога ги планираат своите активности за 2022 година, обезбедувајќи флексибилност за решавање на прашања од областа на финансиската одржливост и дигитализацијата на финансиските услуги.
Предавањата ќе бидат наменети за учениците од основните и средните училишта од нашата земја, на теми од областите што ги покриваат одделните институции, поврзани со функционирањето на финансискиот систем.
Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување – МАПАС, продолжува континуирано со своите едукативни активности за младите и во текот на Глобалната недела на парите 2022, во соработка со Министерството за образование, воспостави координација со околу 40 средните училишта, во кои заедно со пензиските друштва КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, Сава пензиско друштво а.д. Скопје и Триглав пензиско друштво АД Скопје ќе одржи финансиска едукација на учениците за темите, значењето и иднината на парите, потребата од долгорочно штедење и инвестирање со акцент на придобивките и можностите на задолжително и доброволно капитално финансираното пензиско осигурување.
На светско ниво, Глобалната недела на парите се одбележува од 2012 година, со единствен прекин во 2020 година поради пандемијата, при што од 2021 година се одржува во организација на Организацијата за економската соработка и развој (ОЕЦД). Оваа глобална иницијатива, којашто досега се одбележува во повеќе од 176 земји во светот, во која се опфатени 53 милиони деца и млади, ја подигнува свеста кај младите за финансиската едукација и ги зголемува нивните знаења за парите, штедењето, вработувањето и претприемаштвото. Секоја година, младите луѓе разговараат, читаат и учат за економските и за финансиските системи преку најразлични активности што ги спроведуваат финансиските и образовните институции.
Повеќе информации за Глобалната недела на парите на врската: globalmoneyweek.org