Во рамките на предвидените активности кон исполнување на стратегиската цел – Подобрување на капацитетот во насока на зајакнување на својата супервизорска и регулаторна улога во капитално финансираното пензиско осигурување во Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) се реализираше проект – експертска мисија преку инструментот на Европската Унија (ЕУ) – TAIEX.
Главната цел на експертската мисија е да се воспостави рамка за управување со ризици за финансиска стабилност и макропрудентна политика којашто ќе обезбеди методологија за мерење на системските ризици за финансиската стабилност поврзани со капитално финансираното пензиско осигурување во Република Северна Македонија. Навременото и ефикасно идентификување на системските ризици и преземање на активности заради спречување и намалување на нивното влијание врз финансискиот систем се нови надлежности на МАПАС коишто произлегуваат од Законот за финансиска стабилност и од Стратегијата за спроведување на макропрудентната политика во Република Северна Македонија.
Експертската мисија се реализираше во периодот од 11 до 15 март 2024 година од страна на експертите Ивана Херцег, Раководител на Секторот за системски ризици и заштита на потрошувачи и Марио Бамбуловиќ, Раководител на Одделението за системски ризици во Хрватската агенција за супервизија на финансиски услуги (ХАНФА). Експертската мисија ја следеа вкупно 13 учесници, вработени во МАПАС.
Во текот на експертската мисија, учесниците се запознаа со целокупниот контекст на макропрудентната политика во ЕУ, важноста за навремено идентификување, проценка и следење на системските ризици преку различни индикатори и аналитички концепти и инструменти и алатки дизајнирани за адекватно и ефективно превенирање и ублажување на системските ризици. По запознавањето со концептот на системските ризици и еволуцијата на рамката на макропрудентната политика во ЕУ, учесниците ги осознаа различните извори на ризици коишто можат да ја загрозат стабилноста на финансискиот систем преку запознавање и конструирање различни индикатори за ризик. Потоа, беа претставени различни алатки за агрегација и метрика за мерење на изложеноста на системските ризици што произлегуваат од различни извори заедно со алатката за стрес-тестирање што ја мери отпорноста на финансискиот систем на различни шокови. Исто така, беше претставена и рамката на макропрудентната политика со можните макропрудентни инструменти и дизајн на алатки за спречување и ублажување на системските ризици.
МАПАС во следните години ќе работи на градење на својот капацитет за спроведување на активностите во насока на спроведување на макропрудентната политика, утврдување на макропрудентни инструменти и преземање на макропрудентни мерки кон субјектите над кои врши супрвизија.