Неделата за пензиската свесност оваа година е од 13 до 17 септември, а Денот за пензиска свесност e како и обично на 15 септември. Како континуитет на изминатите години Денот за пензиска свесност има за цел да ја истакне важноста на пензиското штедење.
Во рамки на својата мисија да ги заштити интересите на членовите на пензиските фондови и да го поттикне развојот на капитално финансираното пензиско осигурување заради посигурни пензионерски денови, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС го одбележува Денот за пензиска свесност – 15 септември со низа активности користејќи ги електронските комуникациски алатки и социјалните медиуми, чија цел е подигнување на јавната свест за пензискиот систем. МАПАС во своите едукативни активности потенцира дека особено е важно младите навремено да се информираат за правата, обврските и придобивките на членовите на задолжителните и доброволните пензиски фондови, веднаш по започнувањето на работниот однос.
„Информирај се навреме за својата пензиска заштеда“, е пораката која МАПАС во континуитет ја испраќа до граѓаните. Сакаме да истакнеме дека пензиското штедење е долгорочна инвестиција, а МАПАС придонесува и ќе продолжи да придонесува кон континуирано јакнење на индивидуалните заштеди преку обезбедување на управување со ризиците кои им се закануваат на средствата и на пензиите и на пензиските надоместоци на членовите на пензиските фондови, како и на угледот на системот, и сведување на истите на најниско можно ниво.
По повод Денот за пензиска свесност, во недела, на 15 септември, со подршка на МАПАС, пензиските друштва Триглав, Сава и КБ Прво ќе организираат “Семеен настан”, со цел промоција и едукација на јавноста за капитално финансираното пензиско осигурување. Настанот е од отворен карактер во близина на кафе “Мамбо”, во паркот “Авионче” во општина Аеродром. Настанот ќе трае 4 часа, од 12:00 до 16:00 часот и е отворен за сите заинтересирани граѓани.
Повеќе информации за задолжителните и доброволните пензиски фондови, за регулативата и нејзините промени, како и за правата и обврските на членовите се достапни на интернет страницата www.penzija.mk, како и на нашата веб страна и нашите адреси на социјалните медиуми. Овде, лесно ќе можете да добиете информации за капитално финансирано пензиско осигурување и да проверите во кое пензиско друштво сте член.
www.linkedin.com/company/mapasmk/