Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

МАПАС – Вкупните средства на пензиските фондови во 2022 година пораснаа и покрај неизвесното макроекономско и финансиско окружување

Во текот на 2022 година, вкупните средства на задолжителните пензиски фондови забележаа забавен раст од 7,46% и достигнаа 113,54 милијарди денари. Вкупните средства на доброволните пензиски фондови пак забележаа помал раст во однос на вкупните средства на задолжителните пензиски фондови, односно пораснаа за 6,36% и достигнаа 3,05 милијарди денари. Со тоа, учеството на вкупните средства на пензиските фондови во вториот и третиот столб во бруто-домашниот производ остана скоро на исто ниво како и во претходната година (15% од БДП). Ова се забележува во Извештајот за состојбите во капитално финансираното пензиско осигурување во 2022 година, што беше усвоен од Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување.

Во текот на 2022 година пензиските фондови се соочија со неизвесно макроекономско и финансиско окружување. Актуелните случувања поврзани со воениот конфликт помеѓу Украина и Русија имаа свое негативно влијание и на пензиските фондови со дефинирани придонеси, и во странство и во Северна Македонија. Сепак, средствата на македонските пензиски фондови не се директно изложени во Украина и во Русија и генерално последиците ги почуствуваа посредно, преку инфлаторните притисоци, повисоките каматни стапки и понискиот економски раст, најмногу поради нестабилност и волатилност на финансиските пазари.

Пензиските друштва ги инвестираа уплатените придонеси и акумулираните средства придржувајќи се до регулаторната рамка и максималните инвестициски ограничувања.Иако структурата на инвестиции на пензиските средства во 2022 година не се разликува многу во споредба со 2021 година, се забележува мало зголемување на учеството на обврзниците за сметка на учеството на депозитите, акциите и инвестициските фондови. Инвестициското портфолио на задолжителните пензиски фондови во 2022 година се состои од домашни инвестиции кои вклучуваат државни хартии од вредност (63,12%), депозити (5,47%), акции (2,20%), удели во инвестициски фондови (0,11%) и корпоративни обврзници (0,02%), како и инвестиции во странство кои вклучуваат инвестиции во удели на инвестициски фондови (24,13%), акции (3,57%) и странски државни обврзници (0,82%).

 Структура на инвестициите во втор столб, со состојба на 31.12.2022

Почнувањето на работа на четвртиот доброволен пензиски фонд не влијаеше многу на вкупната структура на инвестициите на доброволните пензиски фондови со оглед на фактот дека во почетните години од работа новиот фонд сè уште располага со средства што се од мал обем во однос на вкупните средства на доброволните пензиски фондови. Инвестициското портфолио во 2022 година се состои од домашни инвестиции кои вклучуваат државни хартии од вредност (54,21%), депозити (9,45%), акции (6,26%), корпоративни обврзници (0,68%) и многу мал дел во удели во инвестициски фондови (0,02%), како и инвестиции во странство, коишто вклучуваат инвестиции во удели на инвестициски фондови (22,55%), акции (4,69%) и странски државни обврзници (0,91%).

Структура на инвестициите во трет столб со состојба на 31.12.2022

 

Глобалните случувања сепак влијаеа и на намалување на приносите пресметани за седумгодишен период во 2022 година. Зголемувањето на промената на нивото на трошоците на живот, сведена на годишно ниво, изразено влијае на падот на износите на приносот во реален износ во 2022 година. На ниво на задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, во седумгодишниот период 2016 – 2022 година, беше остварен просечен принос сведен на годишно ниво од 4,52% во номинален износ односно 0,50% во реален износ, пресметан преку промената на пондерираниот просек  на сметководствените единици на задолжителните пензиски фондови. На ниво на доброволно капитално финансирано пензиско осигурување, во седумгодишниот период 2016 – 2022 година, беше остварен просечен принос сведен на годишно ниво од 4,64% во номинален износ односно 0,61% во реален износ, пресметан преку промената на пондерираниот просек  на сметководствените единици на доброволните пензиски фондови.

Принос на пондериран просек на СЕ на ЗПФ и ДПФ, по периоди, 2022 година

Глобалната финансиска и економска неизвесност во 2022 година ги измести трендовите на нагорно движење на параметрите на задолжителното и доброволното капитално финансирано пензиско осигурување, но пензиските фондови сè уште се во фаза на акумулација и се очекува овие влијанија да бидат надминати во понатамошните години.

Во 2022 година се зголеми и опфатот на населението во вториот столб со сличен тренд како и претходната година (4% во однос на 2021 година) и достигна учество од 71% во вкупното активно население. Иако бележеше поголем раст во однос на вториот столб, сепак учеството на населението во третиот столб е сè уште многу мало, односно околу 3,7% од вкупното активно население во РСМ се членови со доброволна индивидуална сметка или се учесници во пензиска шема со професионална сметка во доброволен пензиски фонд.

Учество на членови во двостолбниот пензиски систем во вкупното работоспособно население и активно население, по години, 2017-2022 година

 

Учество на членови во трет столб во вкупното работоспособно население и активно население, по години, 2017-2022 година

 

2022 година ја одбележа и зголемувањето на бројот на субјекти на пазарот на капитално финансираното пензиско осигурување. Во август 2022 година, по издадена дозвола од страна на МАПАС, започна со работа четвртото пензиско друштво, ВФП ПЕНЗИСКО ДРУШТВО АД СКОПЈЕ кое управува само со доброволен пензиски фонд, а во октомври 2022 година беше извршена првата уплата на доброволен придонес во ВФП отворен доброволен пензиски фонд – Скопје.   Со тоа капитално финансираното пензиско осигурување брои  вкупно четири пензиски друштва од кои три управуваат со по еден задолжителен и со по еден доброволен пензиски фонд и едно пензиско друштво управува со еден доброволен пензиски фонд.

 

Извештајот за состојбите во капитално финансираното пензиско осигурување во 2022 година може да го прочитате и да го преземете на следната врска: Извештај_КФПО_2022.

 

 

Skip to content