Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

Одржана седница на Комитетот за финансиска стабилност: Финансискиот сектор е отпорен на шокови

Домашниот финансиски сектор добро се справи со глобалните предизвици и уште еднаш покажа дека е отпорен на шокови и има капацитет за справување со кризи, се заклучува во Извештајот за финансиска стабилност за 2022 година. На седницата на Комитетот за финансиска стабилност, одржана на 27 ноември, беше презентиран Извештајот за финансиската стабилност во Република Северна Македонија во 2022 година, а исто така беа разгледани и потребните активности кои треба да се преземат за спроведување на Законот за решавање банки.

На седницата на Комитетот, разгледувајќи ги показателите за различните сегменти од финансискиот сектор во 2022 година, беше нагласено дека финансиската стабилност е успешно одржана и покрај сложените услови на работење на финансискиот систем. Вкупните средства на финансискиот систем продолжија да растат и во 2022 година но со побавни стапки на раст. Вкупниот кредитен раст изнесуваше 9,4%, со што се обезбеди солидна кредитна поддршка и на корпоративниот сектор која забележа раст од 11,5% и на населението со раст за 7.3%. Овие стапки на кредитен раст се значајно повисоки од ЕУ каде тие изнесуваа 4,8%, 6,4% и 3,8% соодветно. Беше констатирано дека и понатаму е ограничена можноста за прелевање на ризиците помеѓу одделните сегменти на системот во услови на задржана едноставна структура на финансискиот систем, мала меѓусебна зависност и отсуство на посложени финансиски инструменти. Резултатите од стрес-тестирањето и посебните оценки и симулации за изложеноста на  ризикот од промена на каматните стапки содржани во Извештајот укажуваат дека домашниот финансиски систем има капацитет за справување со шокови од позначаен интензитет.

Остварувањата на корпоративниот сектор во 2022 година беа солидни, пришто речиси сите дејности од корпоративниот сектор ги зголемија приходите од работењето и ја подобрија профитабилноста. Профитабилноста на корпоративниот сектор порасна за 19,8%, по раст од 32,1% во 2021 година.  Показателите за конкурентноста исто така укажуваат на подобрена продуктивност на корпоративниот сектор која расте и тоа забрзано втора година по ред. Сепак, ликвидносниот ризик и натаму е клучниот извор на ранливост за домашниот корпоративен сектор и покрај оствареното подобрување на оперативната ефикасност во 2022 година. Финансиските показатели исто така укажуваат и на подобрување на финансиската дисциплина, во услови на забрзување на плаќањето на обврските и побрза наплата на побарувањата на компаниите. Ликвидносните потреби на компаниите во значајна мера беа покриени и со зголемената кредитна поддршка на банките, пришто покрај долгорочните кредити кои вообичаено имаат најголем придонес, во 2022 година, зајакна и краткорочното кредитирање.

Сепак, беше посочено дека неизвесното макроекономско окружување може да биде извор на ранливости за финансискиот сектор. Оттука, и натаму приоритетно е постојаното јакнење на отпорноста на банкарскиот и финансискиот сектор во целина, а во таа насока е и макропрудентниот мандат на финансиските регулатори обезбеден со новиот Закон за финансиска стабилност и макропрудентните мерки кои може да се преземат.

На седницата беше разгледана и Информацијата за потребните активности во врска со Законот за решавање банки. Kомитетот ги констатираше подготвителните активности кои треба да се спроведат од страна на институциите за да законот може да почне да се спроведува во предвидениот рок, односно од октомври 2025 година.

Skip to content