Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

Пензискиот пазар во фокус 2022

Организацијата за економска соработка и развој – ОЕЦД го објави најновиот број на изданието Пензискиот пазар во фокус 2022.

Изданието на Пензискиот пазар во фокус 2022 дава преглед на капитално финансираните и приватните компоненти на пензиските системи заклучно со 2021 година во 90 земји и ги прикажува најновите случувања на пензиските пазари ширум светот. Изданието располага со широк спектар на усогласени и стандардизирани индикатори релевантни за капитално финансираните и приватните пензиски системи. Изданието од оваа година вклучува и анализа за потенцијалното влијание на воениот конфликт по руската инвазијата на Украина на потфолијата на пензиските планови во земјите членки на ОЕЦД. Податоците што се користат за подготовка на овој извештај се обезбедени од регулаторите од земјите во рамките на проектот на ОЕЦД за Глобална статистика за пензии.

Средствата на пензиските заштеди, на светско ниво, пораснаа за 7% во однос на 2020 година и на крајот на 2021 година надминаа 60,6 билиони УСД (58,9 билиони УСД во земјите членки на ОЕЦД и 1,7 билиони УСД во земји коишто не се членки на ОЕЦД). Овој раст се должи на зголемување на бројoт на учесници во пензиските планови, зголемување на вкупните уплатени придонеси и инвестициските резултати во многу земји.

И покрај растечката инфлација, реалниот инвестициски принос на пензиските средства (нето од трошоците за управување) во 2021 година во просек изнесува 3% во земјите членки на ОЕЦД. Сепак во голем број земји пензиските планови не успеаа да постигнат позитивен реален инвестициски принос, особено во земјите коишто не се членки на ОЕЦД кадешто реалниот инвестициски принос во просек изнесува -0,9%.

Инвестициските перформанси на пензиските планови на долг рок се позначајни од краткорочните добивки или загуби бидејќи пензиските фондови се долгорочни инвеститори. Флуктуациите во резултатите од инвестициите се неизбежни во текот на животот на едно пензиско портфолио. Во последните десет години, просечниот годишен реален инвестициски принос на пензиските средства и покрај зголемената инфлација во 2021 и шоковите на финансиските пазари (како што е во првиот квартал од 2020 година) беше позитивен во 41 од 44 испитувани земји.

Достапните податоци и анализите за 2022 година покажаа дека воениот конфликт во Украина има определено влијае врз негативните инвестициски резултати во првиот квартал во 2022 година и намалување на вредноста на средствата во првата половина на 2022 година. Војната и последователните санкции и контрасанкции по руската инвазија на Украина доведоа до намалување на вредноста на сите средства поврзани со Русија, особено средствата инвестирани во Русија или средствата инвестирани во инструменти издадени од руски издавачи. Пензиските планови, исто така, ги почувствуваа последиците од војната и преку други средства освен оние издадени од руски издавачи и преку макроекономски канали, како што се инфлаторните притисоци, повисоките каматни стапки и понискиот економски раст.

Изданието на Пензискиот пазар во Фокус 2022 е на следниот линк: Pension Market in Focus 2022.

Skip to content