Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

Потпишан меморандум за соработка помеѓу НБ и МАПАС – поголема ефикасност во одржувањето на финансиската стабилност

Со зајакнување на соработката помеѓу Народната банка и Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), се придонесува кон поголема ефикасност на регулаторите во анализа и оценување на финансиската стабилност. Ова беше истакнато на денешната средба помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Максуд Али, при потпишувањето на Меморандум за соработка помеѓу двете институции.

Унапредувањето на соработката помеѓу Народната банка и МАПАС е од големо значење, имајќи ја предвид врската на банкарскиот систем со пензиските друштва, како врз основа на сопственичката поврзаност, така и врз основа на обезбедување услуги чувар на имот за пензиските фондови. Оваа тесна поврзаност на двата сегмента на финансискиот систем е фактор за поблиска координација и содејствување на Народната банка и МАПАС, заради подобро управување, справување со можните ризици и одржување на стабилноста на финансискиот сектор.

Меморандумот предвидува соработка помеѓу Народната банка и МАПАС преку неколку групи активности. Така, со Меморандумот се дефинираат потребните податоци кои институциите ќе ги разменуваат – се предвидува редовно, на квартална основа, МАПАС да добива податоци за банките од Народната банка, кои Агенцијата ќе ги ползува во вршењето на својата супервизорска улога врз пензиските фондови, а во насока на заштита на интересите на осигуренците. Размената на податоци е и во насока на обезбедување информации потребни за анализа и оцена на финансиската стабилност и известување за статистички цели.

Со Меморандумот се предвидува организирање на заеднички контроли на субјектите од заеднички интерес на двата регулатора, кога ќе се утврди потреба од такви контроли. Истовремено, се предвидува меѓусебна соработка при изработката на подзаконски прописи коишто се однесуваат на субјектите коишто се предмет на заеднички интерес, како и во текот на изработката на предлог законските акти поврзани со банките и пензиските фондови.

Финансиската стабилност е заеднички приоритет и обврска на финансиските регулатори. Во таа насока, Народната банка минатата година ги обнови меморандумите за соработка и со Комисијата за хартии од вредност и со Агенцијата за супервизија на осигурување, со цел јакнење на механизмите за заштита на финансиската стабилност во системот.

Skip to content