Пранвера Сума, членот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС, учествуваше на панелот во рамки на панел-дискусијата “Твоја патека, твоја иднина”, која се одржа на 11 ноември 2026 година, во хотелот “Мериот” во Скопје.
Панел-дискусијата беше посветена на темата “Пензиските фондови како двигател на инвестициите и економскиот развој”, а на неа, покрај Пранвера Сума од МАПАС, учествуваа и проф. Владимир Филиповски, Весна Стојановска, директор на КБ Прво пензиско друштво и Горан Марковски од КБ Инвест. Модератор на панелот беше проф. д-р Борче Треновски.
Во рамки на дискусијата беа отворени повеќе значајни прашања поврзани со функционирањето и идниот развој на капитално финансираното пензиско осигурување, остварувањето приноси и сигурноста на пензиските заштеди, правилата и можностите за инвестирање на средствата на пензиските фондови, како и нивниот потенцијал за поддршка на домашната економија и долгорочниот економски развој.
Посебно внимание беше посветено на улогата на регулаторот и супервизорот во обезбедувањето соодветна рамнотежа помеѓу можностите за инвестирање и заштитата на интересите на членовите на пензиските фондови. Во таа насока, беа разгледани и прашањата за развојот на инвестициските можности, управувањето со ризиците, како и потребата од јасни и предвидливи правила кои ќе обезбедат сигурно и одговорно управување со пензиските средства.
Во завршниот дел од панелот беше дискутирано и за иднината на пензиското инвестирање, вклучително и за можностите за воведување различни инвестициски портфолија, прилагодени на потребите и животната доба на членовите, како и за значењето на финансиската едукација и информираноста на граѓаните при донесувањето одлуки поврзани со нивните пензиски заштеди.
Учеството на Пранвера Сума, членот на Советот на експерти на МАПАС на вакви стручни дискусии претставува можност за размена на мислења и искуства со претставници на академската заедница и финансискиот сектор, како и за отворање прашања од значење за понатамошниот развој на пензискиот систем. МАПАС, во рамки на своите надлежности, продолжува да ја унапредува супервизијата и да се залага за транспарентно, одговорно и сигурно управување со средствата на членовите на пензиските фондови, имајќи го предвид нивниот најдобар интерес.

(02) 3224 229
contact@mapas.mk