Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

Претставници на МАПАС на 25-тата годишна конференција на Македонската берза

Претседателот на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС, Ремзи Бајрами, членот на Советот на експерти на МАПАС, Пранвера Сума, Главниот советник на претседателот на МАПАС, Марија Поповска и Раководителот на Одделението за институционална контрола, Фестим Беќири, присуствуваа на 25-тата годишна конференција на Македонската берза, која се одржа на 22 и 23 септември 2026 година во Охрид.

Конференцијата собра претставници и експерти од финансискиот сектор, институциите, домашните и меѓународните пазари на капитал, како и претставници на деловната и академската заедница, со цел размена на искуства и согледувања за актуелните состојби и идните насоки на развој на финансиските и капиталните пазари.

Во рамки на конференцијата беа обработени повеќе значајни теми, меѓу кои развојот и перспективите на малите пазари на капитал, регионалните трендови, долгорочниот капитал во функција на индустрискиот развој, патот до успешно иницијално јавно понудување на акции (IPO), алтернативните извори на финансирање, дигиталните средства и токенизацијата, како и примената на вештачката интелигенција на финансиските пазари. Во програмата беше опфатена и темата за посебните индивидуални инвестициски сметки и нивното влијание врз пазарот на капитал.

Учеството на претставниците на МАПАС на вакви стручни настани придонесува за следење на современите трендови и практики во финансискиот и капиталниот сектор, размена на професионални искуства со релевантните институции и експерти, како и унапредување на знаењата од значење за областа на капитално финансираното пензиско осигурување.

МАПАС останува посветен на континуираното следење на развојот на финансиските пазари и на јакнењето на соработката со релевантните институции и чинители во финансискиот систем, со цел натамошно унапредување на пензискиот систем и заштитата на интересите на членовите на пензиските фондови.

Skip to content