Прашање: За која намена пензиско друштво може да се задолжува во име и за сметка на задолжителниот и/ или доброволниот пензиски фонд?
Став на Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување
Согласно член 113 од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и член 141 од Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување, пензиско друштвото може да се задолжува во име и за сметка на задолжителниот и/или доброволниот пензиски фонд, исклучиво заради подобрување на ликвидноста на задолжителниот и/или доброволниот пензиски фонд. Согласно наведените одредби, друштвото може да се задолжува во име и за сметка на задолжителниот/доброволниот пензиски фонд, исклучиво заради подобрување на ликвидноста на пензискиот фонд односно исклучиво заради навремено плаќање на достасаните обрвски на пензискиот фонд спрема своите членови, а не за купување на финансиски инструменти.
Прашање: Кога се работи за пресметка на времена семејна пензија и доколку не е наведено колкав период треба да се исплаќа семејната пензија, дали пензиското друштво треба да се прави две пресметки за времена семејна пензија, една до 15 години и една до 26 години на корисникот, или пак треба да се направи само една пресметка додека корисникот не наполни наполни 26 години?
Став на Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување
Имајќи го предвид Законот за пензиско и инвалидско осигурување, Законот за исплата на пензии и пензиски надоместоци од капитално финансирано пензиско осигурување и воспоставената пракса, не е потребно да се прават две пресметки за времената семејна пензија, бидејќи истото може да го доведе до забуна корисникот на семејната пензија односно, како основа за пресметка на семејна пензија треба да се земе најдолгиот рок утврден со законската регулатива, односно 26 години. Една од причините поради кои не треба да се прави пресметка со 15 години е и фактот што е воведено задолжително средно образование.
Прашање: Дали пензиско друштво во вршење на маркетинг активности може да ја користи интернет страната на групацијата на која припаѓа, наместо да има посебна интернет страна?
Став на Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување
Во интерес на правилно информирање на членовите и пензионираните членови на пензиските фондови, пензиско друштво треба да има своја интернет страна одвоена од интернет страните на останатите акционерски друштва, припадници на истата групација. Никој освен пензиско друштво основано согласно со Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување или согласно со Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување не може да врши работи на маркетинг на задолжителен и/ или доброволен пензиски фонд.
Прашање: Дали при определување на замена на одговорни лица за инвестициони одлуки, пресметка на програмирани повлекувања, управување со ризици, внатрешна ревизија, индивидуални сметки, маркетинг и контрола на агенти треба да се поведе постапка за одобрение пред Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување?
Став на Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување
Со Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување утврдена е обврската на пензиското друштво да назначи лица кои се одговорни за инвестициони одлуки, пресметка на програмирани повлекувања, управување со ризици, внатрешна ревизија, индивидуални сметки, маркетинг и контрола на агенти. Назначувањето на овие лица е предмет на одобрување на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, на начин и постапка предвидени во Правилникот за начинот и постапката за давање на одобрениja на измените на документите поднесени при лиценцирање. Оттука, при секоја промена на одговорните лица пензиското друштво е должно да побара одобрение од Агенцијата.
Прашање: Доколку осигурителот по пат на ликвидација биде избришан од Централениот регистар на Република Северна Македонија што се случува со средствата на учесниците во пензиската шема?
Став на Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување
Доколку правно лице кое има професионална пензиска шема биде избришано од Централен регистар на Република Северна Македонија при ликвидација, решението за бришење на правното лице од регистарот по пат на ликвидација, е основ за престанок на професионалната пензиска шема. Средствата на учесниците во професионална пензиска шема се пренесуваат од постојната професионална сметка на идната професионална сметка од професионалната пензиска шема организирана од друг осигурител. Доколку лицето не стане учесник на професионална пензиска шема кај друг осигурител, средствата од неговата постојна професионалната сметка се пренесуваат на неговата доброволна индивидуална сметка или друштвото му отвара доброволна индивидуална сметка.
Прашање: Дали член на задолжителен или доброволен пензиски фонд може да овласти полномошник кој во негово име и за негова сметка ќе склучи договор за исплата на пензија или пензиски надоместок?
Став на Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување
Член на пензиски фонд може да овласти полномошник, кој во негово име и за негова сметка ќе склучи договор за исплата на пензија или пензиски надоместок.