Пензискиот систем во Република Северна Македонија е составен од пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност и капитално финансирано пензиско осигурување, со што им се овозможува на граѓаните на Република Северна Македонија обезбедување материјална и социјална сигурност.
Структурата на повеќеслојниот пензиски систем се темели врз три вида (столба) на осигурување и тоа:
- Задолжително пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност (прв столб),
- Задолжително капитално финансирано пензиско осигурување (втор столб),
- Доброволно капитално финансирано пензиско осигурување (трет столб).
Задолжително пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност (прв столб) е осигурување организирано, според принципот на тековно финансирање (pay-as-you-go), што значи дека сегашните осигуреници плаќаат за сегашните пензионери. Овој столб функционира на принципот на дефинирани пензии, односно преку него се обезбедуваат пензии според однапред утврдена формула која зависи од висината на платите и годините на пензискиот стаж на осигуреникот. Преку овој столб се обезбедува остварување на права од пензиското и инвалидското осигурување во случај на старост, инвалидност и смрт, што значи дека се исплаќа дел од старосната пензија, потоа инвалидска пензија, семејна пензија, како и најнизок износ на пензија.
Задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување (втор столб) е осигурување врз основа на капитализација на средствата, на принцип на дефинирани придонеси, при што постои тесна поврзаност и зависност помеѓу обемот на вложените средства – придонесите и идните пензиски надоместоци што ги остварува секое лице засновани на пазарните законитости. Имено, овој начин на осигурување е заснован врз принцип на собирање на средства преку плаќање на придонеси на индивидуални сметки чии средства понатаму се инвестираат и добивката намалена за трошоците на работењето на системот се додава (акумулира) на средствата на индивидуалните сметки.
Секој осигуреник може да избере само еден задолжителен пензиски фонд. Вложените средства се инвестираат според строго утврдени законски прописи, со што се обезбедува највисока заштита на интересите на членовите и на нивните средства. Во задолжителните пензиски фондови секој член има своја индивидуална сметка на која се чуваат средствата од придонесите кои секој член ги издвојува од својата плата. Средствата издвоени од плата, заедно со приносот од нивното инвестирање му припаѓаат на членот и влегуваат во формирањето на износот на пензијата. Членовите се редовно информирани за сопствените средства одвоени за пензиските денови.
Доброволно капитално финансирано пензиско осигурување (трет столб) исто така е осигурување врз основа на капитализација на средствата, на принцип на дефинирани придонеси, но на доброволна основа. Значајно за ова осигурување е што во него можат да бидат вклучени сите лица кои сакаат да обезбедат повисок обем на материјална сигурност покрај задолжителното осигурување, како и сите лица кои не се опфатени со задолжително осигурување (во првиот и вториот столб). Покрај тоа, со третиот столб се овозможува и основање и финансирање на професионални пензиски шеми.
Секој осигуреник може да има една доброволна индивидуална сметка во доброволен пензиски фонд и една професионална сметка во доброволен пензиски фонд. Вложените средства се инвестираат според строго утврдени законски прописи, со што се обезбедува највисока заштита на интересите на осигурениците и на нивните средства. Членовите се редовно информирани за сопствените средства одвоени за пензиските денови.
Уплатата на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување ја врши должникот за плаќање на придонес, односно работодавецот, во име на вработениот. Управата за јавни приходи врши интегрирана наплата на придонесите од задолжително социјално осигурување (придонес за пензиско и инвалидско осигурување, придонес за здравствено осигурување и придонес за вработување во случај на невработеност) и персонален данок на доход.
За осигурениците кои се вклучени во системот со два столба, Фондот на ПИОСМ врши распределба на уплатениот придонес меѓу првиот и вториот столб. Висината на придонесот, кој се пренесува во задолжителен пензиски фонд, изнесува 6% од бруто – платата, а во Фондот на ПИОСМ останува придонес во висина која се добива како разлика меѓу вкупниот придонес за пензиско и инвалидско осигурување и придонесот уплатен во задолжителниот пензиски фонд.
Стапки на придонеси во втор столб од почетокот на системот
Период | Стапка на вкупен придонес за пензиско и инвалдиско осигурување | Стапка на придонес уплатен во Фондот на ПИОСМ | Стапка на придонес уплатен во задолжителниот пензиски фонд |
од 1.1.2006 г. до 31.12.2008г. | 21,20% | 13,78% | 7,42% |
од 1.1.2009 г. до 31.12.2009 г. | 19,00% | 12,35% | 6,65% |
од 1.1.2010 г. до 31.07.2012 г. | 18,00% | 11,70% | 6,30% |
од 1.8.2012 г. до 31.12.2018 г. | 18,00% | 12,00% | 6,00% |
од 1.1.2019 г. | 18,40% | 12,40% | 6,00% |
од 1.1.2020 г. | 18,80% | 12,80% | 6,00% |
Уплатата на доброволен придонес, во име и за сметка на член кој има доброволна индивидуална сметка, може да ја врши членот и/или уплаќачот. Уплатата на доброволен придонес, во име и за сметка на член кој има професионална сметка, може да ја врши само осигурителот. Уплатите се вршат од трансакциската сметка на членот и/или уплаќачот или осигурителот. Доброволниот придонес се уплаќа на посебна парична сметка на доброволниот фонд, која се води кај чуварот на имот и се распоредува на доброволна индивидуална сметка, или на професионална сметка на членот, во зависност од начинот на зачленување и по исполнување на условите за членство.
Членот, уплаќачот и осигурителот, имаат право слободно да ги одредуваат висината на уплатениот износ на доброволен придонес и динамиката на уплатата, а промената на висината на уплатата, или прекинот на уплатата, не влијаат на правото на членство во фондот, односно не значат прекин на членството. Износите на доброволните придонеси ги определува осигурителот, за сите учесници во професионалната пензиска шема, која тој ја организира и ја финансира и ги определува како процент од платата на членот, кој е вклучен во професионалната пензиска шема.