Пензискиот систем во Република Северна Македонија пред реформата и причини за нејзино воведување
Пензискиот систем во Република Северна Македонија има долг историски развој. Тој има долгогодишно постоење на овие простори проследено со континуиран развој и надградба во текот на времето. Пред воведување на реформата, пензискиот систем го претставуваше само Фондот на пензиското и инвалидското осигурување. Истиот функционира на принцип на генерациска солидарност и се финансира на тековна основа (PAYG) што значи дека со придонесите од постојните осигуреници се исплаќале пензиите на тековните пензионери, пресметани врз основа на принцип на т.н. дефинирани пензии.
Социоекономските промени во изминатите години (на почетокот на 90 – тите години) не го оставија имун ниту пензискиот систем кој се соочи со големи тешкотии во неговото нормално функционирање. Неповолните движења во стопанството од почетокот на транзицијата кон пазарно стопанство предизвикаа зголемување на бројот на претпријатијата кои работат со загуба, прогласување на технолошки вишоци на работната сила и отворање на бројни стечајни постапки. Тоа беа главните причини кои влијаеја на намалување на бројот на активните осигуреници од една страна и зголемување на бројот на пензионерите од друга страна што доведе до намалување на соодносот помеѓу осигурениците и пензионерите.
Дополнително, влијанието на демографскиот фактор врз пензискиот систем беше се поизразено. Имено анализите на промената на структурата на населението во светски рамки на долг временски период покажуваа општ тренд на стареење на населението. Овој демографски тренд не ја заобиколи ниту Македонија. Ова значи дека луѓето живеат се подолго поради подобрите услови за живот и подобрите здравствени услуги, а едновремено се намалува бројот на новороденчиња, т.е. на млади лица. Стареењето на населението, влијае на бројот на пензионерите. Поголемиот број стари лица во вкупното население значи и зголемен број на пензионери, додека зголеменото очекувано траење на животот предизвикува подолготрајно користење на пензијата. Од друга страна, неповолните економски услови, особено големата невработеност, придружена со намалувањето на стапката на фертилитет, влијаат на намалување на бројот на осигурениците на долг рок. За систем со тековно финансирање (PAYG) многу е значаен соодносот помеѓу осигурениците и пензионерите, бидејќи со придонесите од постојните осигуреници се исплаќаат пензиите за постојните пензионери.
Влијанието на сите овие фактори врз долгорочната солвентност на Фондот на ПИОСМ беше големо и актуарските проекции, изработени при подготовка на реформата, покажуваа дека без реформи системот долгорочно би функционирал со дефицит кој брзо и значително би се зголемувал.
Со цел да се надминат односно да се пресретнат овие очекувани состојби се наметнала потреба од темелна реформа на пензиското и инвалидското осигурување во нашата држава.
Од тие причини се дизајнираше и имплементираше темелната реформа на пензискиот систем со што се воспостави тростолбен пензиски систем во Република Северна Македонија, со комбиниран начин на финансирање на идните пензии и со диверзификација на демографските и економските ризици, со цел обезбедување сигурна пензија за сегашните и идни генерации пензионери и долгорочна финансиска стабилност на пензискиот систем.
Со воведувањето на новиот пензиски систем се очекува избалансираност на приходите и расходите на Фондот на ПИОСМ на долг рок, бидејќи со воведување на капитално финансираното пензиско осигурување се намалуваат обврските на осигурувањето врз основа на генерациска солидарност.