Заради постојан увид на пензиските заштеди и транспарентност на системот, пензиските друштва до членовите и пензионираните членови на пензиските фондови со кои управуваат, еднаш годишно доставуваат извештај за пензиска заштеда на индивидуална сметка, на доброволна индивидуална сметка и на професионална сметка и извештај за инвестициско портфолио. Известувањата до членовите на пензиските фондови се доставуваат во зелен плик. За едноставен и брз начин на информирање членовите имаат можност извештаите за пензиска заштеда да ги добиваат преку електронска пошта (e-mail).
Во зелениот плик има два вида извештаи:
- Првиот извештај претставува информација за состојбата на средствата на индивидуалната сметка за пензиска заштеда.
- Вториот извештај содржи информации каде се инвестирани средствата на сите членови заедно со детални податоци за наплатените надоместоците и остварениот принос на пензискиот фонд.
Пензиските друштва до членовите и пензионираните членови на пензиските фондови со кои управуваат, годишните известувања за претходната година треба да ги достават најдоцна до 31 март во тековната година.