Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

Денеска започнува Глобалната недела на парите 2024: „Заштитете ги вашите пари, обезбедете ја вашата иднина“

Скопје, 18 март 2024

Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и Агенцијата за супервизија на осигурувањето, во соработка со асоцијациите и институциите од приватниот и граѓанскиот сектор коишто се активни во доменот на финансиската едукација, од денеска до 24 март, дванаесетта година по ред, ја одбележуваат Глобалната недела на парите. Глобалната недела на парите традиционално се одбележува преку предавања и објавување едукативни материјали од областа на финансиите.

Темата на која е посветена годинешната Глобална недела на парите е: „Заштитете ги вашите пари, обезбедете ја вашата иднина“ (Protect your money, secure your future), којашто се однесува на безбедното управување со парите и јакнењето на свеста за потенцијалните ризици во финансискиот сектор и заштитата на личните финансии. Таквите ризици вклучуваат финансиски измами, вклучително и сомнителни пораки (фишинг), измами при купување преку интернет, како и ризици поврзани со приватноста на податоците, како што е кражбата на идентитетот. Најчесто младите се жртви на финансиски измами, поради нивниот постојан допир со технологиите и пониската информираност за можните опасности  при користењето на современата технологија и современите начини на плаќања за обезбедување нови финансиски производи и услуги. Оттаму, темата на овогодишната Глобална недела на парите ги поттикнува младите луѓе да гледаат подолгорочно и да бидат претпазливи при носењето финансиски одлуки и користењето на современите технологии.

Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС заедно со пензиските друштва, оваа година спроведува активности и во рамките на истите објави Ликовен конкурс кој е наменет за сите деца кои се државјани на Република Северна Македонија на возраст од 4 до 14 години како едукативна активност за одбележување на “ГЛОБАЛНАТА НЕДЕЛА НА ПАРИТЕ 2024”. Исто така, ќе се спроведат и повеќе едукативни предавања за учениците во основните и средните училишта, но и за студентите за кои дополнително се организира голем настан заедно со Универзитетското студентско собрание кој ќе се одржи на 25.03.2024 година на кој студентите со цел подигање на свесноста на своите колеги за придобивките од познавање на финансискиот пазар и финансиските институции од Економскиот факултет ќе го пренесат своето лично стекнато искуство со пракса во МАПАС и пензиските друштва.

Во меѓународни рамки, Глобалната недела на парите се одбележува од 2012 година, со единствен прекин во 2020 година поради пандемијата, во организација на Организацијата за економската соработка и развој (ОЕЦД). Оваа глобална иницијатива, којашто досега се одбележува во повеќе од 176 земји во светот и со која се опфатени 60 милиони деца и млади, ја подигнува свеста кај младите за финансиската едукација и нивните знаења за парите, штедењето, вработувањето и претприемаштвото. Повеќе информации за Глобалната недела на парите се достапни на врската: www.globalmoneyweek.org

Skip to content