Канцеларијата за размена на информации за техничка помош (TAIEX) претставува дел од Генералниот директорат “Проширување” на Европската комисија и нуди услуги во вид на краткотрајна техничка помош за приближување, имплементација и спроведување на правните акти, вклучувајќи ја потребната административна инфраструктура. Основна функција на TAIEX е пренесување на искуството од земјите-членки на Европската унија, службите на Комисијата и другите релевантни органи на европско ниво во земјите кориснички.
Во соработка со TAIEX и со нејзината финансиска поддршка МАПАС започна да ги користи можностите на прoграмата TAIEX односно од земјите членки на ЕУ заради проближување кон директивите и регулативите за влез во ЕУ.
Формите на поддршка кои може да се добијат од TAIEX се:
Експертска мисија за исплата на пензии и пензиски надоместоци од капитално финансирано пензиско осигурување
Со цел ангажирање на консултант кој ќе даде мислење на подготвената од страна на МАПАС подзаконска регулатива по Законот за исплата на пензии и пензиски надоместоци од капитално финансирано пензиско осигурување, МАПАС одлучи да користи експертска помош преку програмата на TAIEX – експертска мисија.
Поради тоа МАПАС на 01.04.2013 поднесе апликација со наслов „Експертска мисија за исплата на пензии и пензиски надоместоци од капитално финансирано пензиско осигурување“ преку Секретаријатот за европски прашања до Европската комисија со барање за ангажирање на консултантот Павел Пелц од Полска, кој ќе даде мислење по подзаконската регулатива по законот за исплата на пензии и пензиски надоместоци. Експертската помош од TAIEX се реализира во период од 25.11.2013 до 29.11.2013 години.
Целта на TAIEX програмата беше преку експертската помош да се овозможи приближување на Македонското законодавство за капитално финансирано пензиско осигурување на законодавството на ЕУ и дополнителна помош во институционален развој. Консултантот во неделната работата со вработените на МАПАС го изрази своето мислење и искуство по подготвената подзаконска регулатива од страна на МАПАС, усогласеноста со ЕУ регулативата во областа на исплата на пензии, организирање на фазата на исплата на пензии и искуствата на земјите членки на ЕУ во фазата на деакумулација и поставување на процедурите во рамките на МАПАС за супервизија на исплата на пензии од пензиските фондови. За време на престојот консултантот подготви предлози за дел од правилниците и документ со препораки за развој во областа на исплата на пензии согласно ЕУ регулативата.
Eкспертска мисија на тема Централен регистар на податоци
Експертска мисија организирана од ТАIЕХ на тема Централен регистар на податоци беше одржана во периодот од 06.07-08.07.2016 година.
Целта на мисијата беше споделување на искуства и најдобри практики на ЕУ во воспоставувањето на Централниот регистар на осигурени лица. Особено, мисијата беше фокусирана на релевантно законодавство, работењето и услугите на Централниот регистар, како и улогите и обврските на членовите на пензиските фондови.
На експертската мисија учествуваа претставници од МАПАС, а водена беше од страна на експертот др. Thomas Goswin од Deutsche Bundesbank, со седиште во Франкфурт, Германија.
Експертска мисија на тема Административни мерки и прекршочни казни
Експертска мисија организирана од ТАIЕХ на тема Административни мерки и прекршочни казни беше одржана во периодот од 12.12-14.12.2016 година.
Целта на експертската мисија беше да се стекнат знаења потребни за имплементација на регулативата на ЕУ и да се соберат компаративни искуства и најдобри практики од регулаторите и надзорните органи во областа на административни мерки и прекршочни казни, заради приспособување со стандардите на ЕУ.
Ставен беше фокус на процедурите за спроведување на различни видови на санкции – административни мерки и прекршочни казни и истовремено беа опфатени и теми поврзани со супервизија на ризици.
На експертската мисија учествуваа претставници од МАПАС, а водена беше од страна на експертите Párniczky Tibor од Central Administration of National Pension Insurance, Унгарија и Frederic Heinrich од The European Insurance and Occupational Pensions Authority (EIOPA).
TAIEX експертска мисија за рамка за управување со ризици за финансиска стабилност и макропрудентна политика
Во рамките на предвидените активности кон исполнување на стратегиската цел – Подобрување на капацитетот во насока на зајакнување на својата супервизорска и регулаторна улога во капитално финансираното пензиско осигурување во Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) се реализираше проект – експертска мисија преку инструментот на Европската Унија (ЕУ) – TAIEX.
Главната цел на експертската мисија е да се воспостави рамка за управување со ризици за финансиска стабилност и макропрудентна политика којашто ќе обезбеди методологија за мерење на системските ризици за финансиската стабилност поврзани со капитално финансираното пензиско осигурување во Република Северна Македонија. Навременото и ефикасно идентификување на системските ризици и преземање на активности заради спречување и намалување на нивното влијание врз финансискиот систем се нови надлежности на МАПАС коишто произлегуваат од Законот за финансиска стабилност и од Стратегијата за спроведување на макропрудентната политика во Република Северна Македонија.
Експертската мисија се реализираше во периодот од 11 до 15 март 2024 година од страна на експертите Ивана Херцег, Раководител на Секторот за системски ризици и заштита на потрошувачи и Марио Бамбуловиќ, Раководител на Одделението за системски ризици во Хрватската агенција за супервизија на финансиски услуги (ХАНФА). Експертската мисија ја следеа вкупно 13 учесници, вработени во МАПАС.
Во текот на експертската мисија, учесниците се запознаа со целокупниот контекст на макропрудентната политика во ЕУ, важноста за навремено идентификување, проценка и следење на системските ризици преку различни индикатори и аналитички концепти и инструменти и алатки дизајнирани за адекватно и ефективно превенирање и ублажување на системските ризици. По запознавањето со концептот на системските ризици и еволуцијата на рамката на макропрудентната политика во ЕУ, учесниците ги осознаа различните извори на ризици коишто можат да ја загрозат стабилноста на финансискиот систем преку запознавање и конструирање различни индикатори за ризик. Потоа, беа претставени различни алатки за агрегација и метрика за мерење на изложеноста на системските ризици што произлегуваат од различни извори заедно со алатката за стрес-тестирање што ја мери отпорноста на финансискиот систем на различни шокови. Исто така, беше претставена и рамката на макропрудентната политика со можните макропрудентни инструменти и дизајн на алатки за спречување и ублажување на системските ризици.
МАПАС во следните години ќе работи на градење на својот капацитет за спроведување на активностите во насока на спроведување на макропрудентната политика, утврдување на макропрудентни инструменти и преземање на макропрудентни мерки кон субјектите над кои врши супрвизија.
Студиска посета на Шведска
Во период од 17-18ти февруари 2014 година, претставници на МАПАС беа во студиска посета на Finansinspektionen – супервизор и регулатор на финансискиот пазар во Шведска.
Целта на посетата беше размена на искуства во областа на супервизијата и регулацијата на финансискиот пазар особено на пензиските фондови.
Во текот на првиот ден од посетата, претставници на Finansinspektionen одржаа презентации кои се однесуваат на: пензискиот систем во Шведска, организациската структура и работењето на Finansinspektionen, доставување на извештаи како и воведување на нова супервизорска алатка Traffic-light model.
Вториот ден од посетата, претставниците од МАПАС посетија едно од најголемите пензиски друштва во Шведска – Sparinstitutens pensionskassa- SPK. Станува збор за пензиско друштво кое управува со затворен инвестиционен фонд во кој членува една третина од вработените во банкарскиот сектор во Шведска.
Оваа посета е од исклучителна важност за унапредувањето на работењето на МАПАС особено за супервизијата базирана на ризик и можност за развивање на нови супервизорски алатки.
Студиска посета на Латвија
Во периодот од 30 јули до 01 август 2014г. претставници на МАПАС беа во студиска посета на Financial and Capital Market Commission of Latvia (FCMC) – супервизор и регулатор на финансискиот пазар во Латвија.
Целта на посетата беше размена на искуства заради обезбедување на ефикасна супервизија и регулатива, а беше ставен посебен акцент на управувањето со ризиците на пензиските фондови.
Притоа, беа одржани презентации за пензискиот систем во Латвија, а следеше презентација на најновите супервизорски практики во МАПАС. Потоа беа одржани презентации за управувањето со ризиците, улогата на супервизорските органи, а по одржаните презентации следеа интерактивни дискусии и размена на искуства за супервизорските практики, проблеми и предизвици со кои се соочуваат двете институции во капитално финансираното пензиско осигурување.
Оваа студиска посета е од исклучителна важност за унапредувањето на работењето на МАПАС особено за супервизијата базирана на ризик и можност за развивање на нови супервизорски алатки.