Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

Чувари на имот

Чувар на имот е институција на која и е доверена одговорноста за чување на средствата на пензиски фонд, а нејзините функции во врска со чувањето на средствата се утврдени во Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, односно во Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување во случај на чување на средствата на доброволен пензиски фонд.

Чувар на имот на средствата на задолжителните пензиски фондови во почетниот период беше Народната банка на Република Северна Македонија (како преодно решение), но потоа се премина кон системското решение според кое чувар на имот на средствата на пензиските фондови е деловна банка која има дозвола издадена од Народната банка на Република Северна Македонија и која ги исполнува условите наведени во Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување.

Чувар на имот на доброволните пензиски фондови e исто така деловна банка која има дозвола издадена од Народната Банка на Република Северна Македонија и која исполнува услови наведени во Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување.

Сите инструменти во кои се вложени средствата на пензискиот фонд мора да се евидентираат од страна на чувар на имот. Чуварот на имотот на пензиски фонд безбедно ги чува средствата на пензискиот фонд на посебна сметка, издвоени од средствата на друштвото. Оваа сегрегација на средствата е од исклучителна важност со цел да се постигнат висок степен на сигурност на средствата и дополнителна контрола на трансакциите со средствата на пензискиот фонд.

Секое пензиско друштвото е должно да избере единствен чувар на имот, на кого ја доверува одговорноста за чување на средствата на пензискиот фонд и со кого склучува договор за чување на имот.

НЛБ банка АД Скопје е чувар на имот на

  • Отворен задолжителен пензиски фонд Сава пензиски фонд
  • Отворен доброволен пензиски фонд Сава пензија плус

со кои управува Сава пензиско друштво а.д. Скопје

 

Шпаркасе Македонија АД Скопје  е чувар на имот на: 

  • КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд – Скопје
  • КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд – Скопје

со кои управува КБ Прво пензиско друштво АД Скопје.

Комерцијална банка АД Скопје е чувар на имот на:

  • Триглав отворен задолжителен пензиски фонд – Скопје
  • Триглав отворен доброволен пензиски фонд – Скопје

со кои управува ТРИГЛАВ ПЕНЗИСКО ДРУШТВО АД Скопје.

Skip to content