Финансиската едукација е процес со кој финансиските потрошувачи/инвеститори го подобруваат своето знаење во врска со финансиските производи, концепти и ризици и, преку информации, обука и непосредни совети, се стекнуваат со знаење и вештини за финансиските ризици и можности.
Ризикот од носење неиздржани финансиски одлуки како последица на недоволна финансиска писменост, има негативно влијание врз финансискиот сектор, а воедно и врз пензискиот систем, како еден од најважните сегменти на системот на социјалната сигурност.
Со цел информирање на пошироката јавност за капитално финансираното пензиско осигурување како важна социјална и финансиска тема за секој граѓанин и воедно зголемување на пензиската свесност за правата и обврските кои произлегуваат од членувањето во втор и трет столб, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС, спроведува повеќе видови на активности преку:
- Одбележување на “Ден за пензиска свесност – 15 септември”;
- Организирање на едукативни предавања во средни училишта и факултети;
- Изработка на едукативни материјали (флаери, прирачници, брошури, Е-МАПАС информатор);
- Учество на трибини, форуми, радио и ТВ емисии и др. и
- Соработка со меѓународни институции и организации кои се посветени на изградба на политики за финансиска вклученост и едукација и изработка на стратешки документи.
Финансиската едукација им овозможува на идните и постојни членови да се стекнат со финансиска писменост која ќе им овозможи да донесат вистинска одлука при избор на пензиско друштво, пензиски фонд и пензиски производ. Навремената информираност за состојбите во пензискиот систем ќе им овозможи да донесат одлука во вистинско време и да се обратат за помош на вистинското место, но и да преземат други ефективни активности за подобрување на нивната финансиска благосостојба и пензиска заштеда која ќе им овозможи сигурни пензионерски денови.